Спасовски: Кризната состојба не значи повеќе полицајци на улиците


Прогласувањето на кризната состојба не значи дека граѓаните ќе гледаат зголемен број полицајци или војници по улиците заради спроведување на мерките, туку можност сите ресурси во државата да се искористат максимално во координација на сите надлежни органии и институции, вели министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.

Од безбедносен аспект, додава министерот, состојбата е мирна, стабилна без разлика на тоа што имаме прогласено кризна состојба, пред се за справувањето со ковид кризата.

-Ангажманите на полицијата се на едно повисоко ниво во делот на спроевдувањето на законските надлежности уште од самиот почеток на кризата во март годинава, меѓутоа сега  носењето на  одлука  за прогласувањена кризна состојба на територијата на целата држава беше со цел да можеме полесно да координираме, да  превенираме и да се справуваме со состојбата  која што е од Ковид-19.  Кризната состојба сама по себе не е состојба во која што граѓаните или било кој друг ќе види многу полиција на улиците или многу армија за спроведување на мерките, рече министерот Спасовски одговарајќи на новинарско прашање на денешната прес-конференција. 

Тоа, вели не е целта, туку целта е сите државни институции да бидат ставени на располагање да можат да се вклучат во битката против Ковид -19, но и согласно Законот за кризна состојба да можат да се искористат сите ресурси вклучително и приватните.

Од тој аспект можам да кажам дека веќе оперативно заеднички функционираме со армијата, веќе се рспоредени луѓе за обезбедување односно припадници на полицијата и на Армијата на објектите каде што за тоа имаме  потреба. Акцискиот план се спроведува врз основа на проценките и на групата за проценка и на Главниот штаб и ресурсите во овој период мора да бидат користени многу рационално, внимателно и многу паметно. Тоа е важно за да ја постигнеме целта што ја имаме, рече Спасовски.

Тој очекува дека целосно ќе биде испочитуван акцискиот план, и најави дека таму каде има потреба ќе се вклучат во заеднички активности и полицијата и армијата. Тој истакна дека се забележува и поголемо почитување на заштитните мерки, оти се чувствува едно повисоко ниво на свесност на гражаните за оваа сотојба. Спасовски апелираше сите да се однесуваме совесно и заедно да застанеме на патот на ширењето на коронавирусот. 

На истата прес конференција Спасовски најави повеќе пари за полицијата, т.е. зголемен буџет. Презентирајќи го буџетот на Министерството за наредната година, тој го оцени како развоен кој ќе придонесе за континуирано реформирање на полицијата, преку етаблирање на принципите на владеење на правото во сферата на безбедноста.

-Предлог буџетот за МВР за 2021 година е со вкупна вредност од 10.455.110.000 денари и е за 312.452.000 денари поголем од буџетот за 2020 година, односно е зголемен за 3.08 проценти. Преку реализација на вака проектираниот буџет се остваруваат две основни цели, првата е продолжување на воспоставениот концепт полиција – сервис на граѓаните, а продлабочувањето на партнерството меѓу граѓаните и полициските службеници ќе продолжи да произведува уште поефективни резултати за безбедноста и сигурноста, рече министерот Спасовски на денешната прес-конференција.
 
Втората цел која е суштински поврзана со првата, додаде тој, е создавање на модерна, опремена, стручна, ефикасна, но и задоволна полиција, која ќе биде блиска до граѓаните и на законит, стручен, транспарентен и одговорен начин ќе ги гарантира нивната целосна лична и имотна сигурност, и ќе продолжи одлучно и неселективно да се справува со организираниот криминал и корупцијата и успешно да работи во превенција од сите облици на тероризам и други противуставни дејствија.
 
-Ако во претходниот период инвестиравме во нова опрема која после повеќе години во најголем дел ја обновивме, идната година ќе продолжиме со набавка на нови униформи за полицијата и специјалните единици на МВР, како и набавка на оружје, муниција, заштитна опрема, со што практично целосно го заокружуваме тој наш проект, давајќи јасно до знаење дека на секој полициски службеник треба и мора да му се обезбедат елементарни предуслови за нормално работење, рече Спасовски.
 
 
Тој најави продолжување на проектот за реконструкција и изградба на полициските станици, потсетувајќи дека во претходниот период беа делумно или целосно реконструирани 45 објекти на Министерството, во сите сектори за внатрешни работи, а била отпочната и изградба и на Центарот за санирање од катастрофи и обезбедување на континуитет во работењето во Прилеп, како и на градбата на новите современи форензички лаборатории.
 
-Со зголемен буџет за оваа ставка во 2021 година од вкупна вредност од 83.000.000 денари, веднаш ќе продолжиме со градежните активности, и тоа најнапред во полициските објекти во рамки на СВР Куманово, Полициското одделение Ростуше и Полициската станица Ресен, со цел подобрување на условите за работа во нив, рече Спасовски.
 
Министерот потенцира дека наредната година ќе се реализира и проектот за „Надградба на постоечкиот софтвер за идентификација“, предвиден во новиот буџет, со кој се зголемува откривачката функција на полициските служби, од кој придобивките ќе ги почуствуваат сите граѓани погодени од криминални дејствија од различен тип, како и проектот „Нови лични документи за граѓаните на Република Северна Македонија“. Ќе се работи, додаде и на превентивното делување, бидејќи, како што потенцира,  само со навремена детекција на проблемите и приоритетите, е можно носење соодветни решенија и намалување на стапките на криминалитет.