Спасовски го поддржа Ковачевски за лидер на СДСМ


Министерот за внатрешни работи и актуелен потпретседател на СДСМ, Оливер Спасовски, вечерва даде јавна поддршка на кандидатот за претседател на социјалдемократите, Димитар Ковачевски и го повика партиското членство да гласаат за него.

„Идниот претседател на СДСМ е мојот сограѓанин Димитар Ковачевски, и оттука од мое Куманово упатувам силна порака – убеден сум дека одговорно и посветено ќе ја води партијата и со новото раководство ќе го осигура континуитетот на успешните политики и ќе продолжи да го гради општеството со социјалдемократски вредности, едно општество за сите наши граѓани, затоа што СДСМ постои за граѓаните и работи пред сè за доброто на општеството“,вели Спасовски за Ковачевски кој вечерва ја презентира својата програма пред кумановци.

Во повикот до членството да гласа за Ковачевски за нов партиски лидер, Спасовски му порачува на кандидатот и „да биде најмалку како што бил Зоран Заев во Куманово“.

Вчера и партискиот претседател во заминување, Зоран Заев, јавно му даде поддршка на Ковачевски.Членството на СДСМ за претседател на партијата ќе гласа на непосредни внатрепартиски избори на 12 декември. Покрај Ковачевски, кандидати се и поранешната пратеничка и потпретседателка на СДСМ, Фросина Ременски и актуелниот в.д. директор на ТИРЗ, Јован Деспотовски.