Спасот на „Алиталија“ мора да се најде до понеделник 


Познатото семејство индустријалци Бенетон е последната шанса за спасување на националната авиокомпанија „Алиталија“, а италијанската влада се надева дека договорот ќе биде постигнат до понеделник. Како што јавуваат италијанскиот печат и агенциите, инфраструктурната компанија „Атлантија“ во сопственост на Бенетон го разгледува купувањето на 35 до 40 отсто од уделите во „Алиталија“.

„Атлантија“ би вложила околу 300 милиони евра што е износ што недостасува во владиниот „спасувачки пакет“ за онемоќениот превозник. Можното учество на „Атлантија“ го потврди и  вицепремиерот и министер за индустрија, Луиџи ди Мајо, на „Фејсбук“. „Атлантија“ одби да ги коментира написите. Меѓутоа, извесно е дека на италијанската влада ѝ истекува времето за изнаоѓање решенија за „Алиталија“, превозникот на кој му е неопходна помош третпат во последните десет години.

Наводно, Ди Мајо веќе неколку месеци изработува план во чие средиште е железничкото претпријатие „Феровие дело Стато“. Тоа треба да биде стратешки партнер, а американскиот авиопревозник „Делта ерлајнс“ треба да преземе меѓу 10 и 15 проценти удел. Сепак, Американците, според тврдењата во медиумите, ќе се повлечат ако не влезе и третиот партнер, односно „Атлантија“.

Влада минатиот месец по четврти пат го продолжи рокот на државните железници за презентација на обврзувачката понуда за авиопревозникот. Новиот рок истекува на 15 јули, а Луиџи ди Мајо изјави дека уште едно продолжение не може да има. „Мора да постигнеме договор в понеделник”, нагласи Ди Мајо.

Односите меѓу владата и „Атлантија“ не се баш идилични од ланското уривање на мостот Моранди во Џенова кога загинаа 43 луѓе. Владата тогаш ја обвини „Атлантија“ – концесионер на мостот – за лошо одржување, што компанијата го отфрли. Но се чини дека сега Ди Мајо ќе мора да ја повлече заканата дека на „Атлантија“ ќе ѝ ја одземе концесијата.