Спасени 57 дрвја на улицата „Васко Карангелески“


По реакција на Зелен хуман град, денеска нивни претставници се сретнаа со директорот на ЈП „Паркови и зеленило“, по што се смени планот кој првично предвидуваше сечење на 57 дрвја при реконструкцијата на ул „Васко Карангелески“.

Имено, на социјалните мрежи, од здружението ЗХГ реагираа за активностите на ул. „Васко Карангелески“ за сечење дрвја. Од ЈП „Паркови и зеленило“, информираат за заклучоците од средбата.

-После реакциите на социјалните мрежи и здружението ЗЕЛЕН ХУМАН ГРАД(ЗХГ), остварена е средба помеѓу директорот на ЈП Паркови и зеленило г.Зухејр Реџепи и здружението ЗХГ и во координација со Град Скопје договорено е да се стопираат активностите на ул.Васко Карангелески, оградувајќи се од стариот план каде било планирано да се сечат 57 листопадни дрвја и 30 грмушки – соопштија од претпријатието.

Од таму додаваат дека е изготвен и нов план за пресадување на 12 дрвја.

-Новиот план е изготвен од страна на ЈП Паркови и зеленило, каде според мислењето на стручните лица од Флораком најсоодветно алтернативно решение е пресадувањето на 12 дрвја. Во моментов тековно се заокружува планот на пресадување кој започна на 1 ноември, со пресадување на шест дрвја и дополнително во престојниот период ќе бидат пресадени уште шест други , со што вкупниот број на пресадени дрвја ќе биде дванаесет. Пресадувањето ќе биде на иста локација, каде ЈП Паркови и зеленило ќе го заокружи успешно проектот со крајна цел, заштита на зелената површина на град Скопје. На крајот на проектот, планирано е да се садат и нови дрвја зависно од површината на ова градска зона – информираа од ЈП „Паркови и зеленило“.