Современи дизајнери изложуваат уникатни дела на Дизајн маркет во „Јавна соба“


Уникатно дизајнирани уметнички парчиња од 25 македонски модерни ракотворци се изложени викендов на Дизајн маркетот во „Јавна соба“. Посетителите ќе имаат можност да погледнат и купат парчиња рачно изработен накит, маици со оригинални принтови, воздушни билки, керамички и дизајни изработени од дрво, различни аксесоари, облека со автентични детали…

Продуктите, како што се наведува, се оригинални, со потпис од познати македонски ракотворци: Монкдолс, Витрум Студио, Вудис, Ларго, Елена Ристовска, Ваша мала башта, Епокси, Солар Криешнс, Панорамикс, Мамка, Игнеа Козметикс, Цип/Ред, Гаиа, Слога, Зен Зил, Монозеро, Кејт Стардаст, Глигор Кузмановски, Добро ми стои, Блум, Сербез, Стичми везење, Сираледер, Азсу Аксесориз и Софија Огњановска.

Овој настан е во рамки на „Скопје дизајн вик“, кој завршува в недела со забава во Литертура.мк во Дајмонд мол со DJ Дарко Марковски.

„Скопје дизајн вик“ е дел од европската мрежа на манифестации за дизајн во друштво на „Миксер“ од Белград, „What Design Can Do“ од Амстердам, „Барселона дизајн вик“ и Австрија „Дизајн“. Сите платформи во фокус ја ставаат Зелената агенда и еко дизајнот на идните млади дизајнери под мотото „Next Gen Design“.

Фестивалот е поддржан од Министерството за култура и туризам и Европската комисија.