„Современа македонска држава“: Идеалот и реалноста

На собирот пред некој ден во МАНУ науката загуби од политиката. Загуби затоа што нашата наука, односно нејзината номинално највисоката научна институција, посака да игра дневно-политички и собирот се претвори во предизборен митинг


Пред некој ден, Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) организираше научен собир на тема „Современата македонска држава – две етапи во процесот на нејзиното формирање и развој: 1941-1991/1991-2021“. Научноста на собирот падна во сенка на неговата политичност. Одеците од случувањата на собирот во јавноста имаа чисто политичка нота. Никој не пренесесе дека излагачите на собирот докажувале или спореле околу некое научно прашање или теза. Од тој дводневен настан јавноста најмногу слушна и дозна за содржината на церемонијалните обраќања на двајцата поранешни претседатели на републиката – Ѓорге Иванов и Бранко Црвенковски. А тие, кој од кој покритични во однос на досегашните постигања на „современата македонска држава“ и кој од кој поапокалиптични за нејзината иднина.

Во врска со тоа, не се прашувам зошто науката повторно загуби од политиката. Одговорот на ова прашање е едноставен: затоа што нашата наука, односно нејзината номинално највисоката научна институција, посака да „игра“ дневно-политички. Науката а, конкретно, општествените науки, благодарение на МАНУ уште еднаш потклекнаа пред моќта на политиката. Просто неверојатно со каква привлечна моќ се стекна политиката кај нас. Дури луѓе докажани во своите професии, угледни лекари, правници, универзитетски професори и други, се кандидраат и се борат од петни жили да станат или да останат за советници, градоначалници, министри…! Затоа, не е ни чудно што и МАНУ посака да си игра политичарка. Ама се излажа – поканетите политичари на нејзин терен ѝ ја украдоа претставата. Од научен собир ,претставата“ се претвори во предвремен предизборен митинг.

Политичарењето на МАНУ во врска со овој настан е видливо во повеќе елементи на собирот, но две точки се главни: насловот и организацијата. Прво, самиот наслов на собирот содржи две научно недокажани и неодржливи тези кои поради тоа беа лесно податливи за политичка манипулација. Првата теза е покриена со изразот „Современата македонска држава“, а втората е експлицитна и е содржана во дополнувањето на насловот со формулацијата „две етапи во процесот на нејзинот формирање и развој: 1941-1991/1991-2021“. Првата теза претпоставува дека освен „современата“ имало и некоја претходна македонска држава! Која е таа и како оваа сегашната се поврзува со таа некогашна, претпоставено „македонска држава“ веројатно треба да ги прашаме или застапниците на антиквизацијата или оние кои докажуваат дека историското ВМРО било „држава во држава.“ Втората теза, која е експлицитна, тврди дека од нејзиното формирање до денес, „современата македонска држава“ поминала низ две фази. Првата фаза од 1941-1991 и втората од 1991-2021. Се разбира, 2001 година е земена како пресвртна година меѓу двете фази поради последиците кои за редефинирањето на државата („современата македонска држава“) произлегоа од Охридскиот рамковен договор. Но, погрешноста на оваа теза е повеќстрана.

Најпрво, меѓу познавачите на историјата на државноста на Република Македонија постои согласност дека таа од нејзиното формирање (1944) до осамостојувањето поминала веќе низ три фази. За тоа сведочат имињата на државата: демократска/федеративна Македонија, 1944-1945; Народна Република Македонија, 1945-1963; Социјалистичка Република Македонија, 1963-1991. Од осамостојувањето во 1991 година започнува четвртата фаза во развојот на истата таа држава, но сега под името Република Македонија.

Значи, да, со Охридскиот рамковен договор од 2001 се промени карактерот на државата, но тоа не е втора туку веќе четврта  фаза на развојот на „современата македонска држава“.  Според тоа, погрешната теза за двете фази е одржлива со политички, но не и со научни аргументи. А токму со ваква теза МАНУ ја покани политиката да ја покори неа и општествената наука и тоа во домот на науките. Таа скриена теза има уште една мана. Имено, главен аргумент на критичарите на Охридскиот рамковен договор, а меѓу поистакнатите беше и сѐ уште е поранешниот претседател Иванов, е дека со уставните измени од 2001 година се дерогира државотворниот статус на македонскиот народ. Тој, според нив, е сведен на „етничка заедница“ и дека со тоа државата веќе не е „национална држава на македонскиот народ“. Ако е така, тоа значи дека таа не може да се именува како „македонска држава“ како што тоа стои во насловот на научниот собир на МАНУ!

Но, дали ова значи дека Македонците, во било која смисла на зборот, треба да прифатат дека оваа сегашната држава која го организира животот на населението од дадената територија не е нивна? А чија е тогаш? Таа е на оние кои во неа ги уживаат правата и слободите на граѓани. Државата, сега со име Република Северна Македонија, независно од нелегитимноста на начинот на кој ѝ беше променето претходното име, е држава на сите нејзини граѓани.

Општествените поими како држава, нација, граѓанин, демократија и слични се идеали. Затоа, реалностите кои се опфаќаат со нив секогаш отстапуваат од нив. Но дали поради тоа што реалноста отстапува од идеалите треба да се откажеме од самите идеали? Никако. Идеалите и принципите се секогаш вонвременски, а ние живееме и создаваме само во одредено време. Општествените идеали во услови на демократија доживуваат постојана реинтерпретација и прилагодување на реалностите. Да, не е можна Македонија без Македонци, но не се можни ниту Македонци без Македонија – како совршена идеа или како заматена, поделена, корумпирана релност. Мисија на науката е да ја анализира таквата сложена реалност и да ги предочува нејзините можности за развој и напредок. Мисијата, пак на политиката е да го изведе можното – затоа таа и се нарекува умешност или уметност на можното.

(Ило Трајковски е универзитетски професор)