Советот на Oпштина Тетово дозволи јавно претпријатие да земе кредит поради загубите


Советот на Општина Тетово на денешната 36-та седница изгласа согласност јавното претријатие „Градски паркинг“ да земе кредит во висина од шест милиони денари за да ги покрие финансиските загуби.

За барањето за кредит денеска одговорност од менаџерскиот тим побара советникот Горан Јовановски од ВМРО-ДПМНЕ.

-Имате подадена рака од Советот, но мора да ги смените работите, или вие или некој од менаџерите треба да си заминат за тоа што сте дозволиле долгови од три милиони денари. Воедно при вакви состојби, вие сте објавиле нов конкурс за вработување, при што се вработени само Албанци кои се пишале како Македонци или Роми, истакна Јовановски.

Директорот на јавното претпријатие Садат Алили посочи дека пандемијата била причина претријатието 27 дена воопшто да не работи и да нема приходи од паркирањето.

-Јас го водам претријатието од август 2018 година кога имаше 3-4 неплатени плати, но тогаш не баравме помош. Во април не работевме поради состојбата и поради тоа немаше приходи и сега има загуби. Вработувањата се поминати во Агенцијата за вработување, истакна Алили на седницата.

Оваа точка на дневен ред не помина на претходната, 35-та седница, што се одржа на 29 октомври.

Ова е второ јавно претпријатие во Тетово за кое Советот дава одобрение за заем од банките. Во септември, Советот даде согласност и јавното комунално претријатие „Тетово“ да земе  кредит од 26 милиони денари за да ги плати придонесите на вработените и да ги подмири тековните потреби за работа.

На денешната седница беше изгласана и промена во статутот на Општина Тетово со која се дозволува одржување на седници преку интернет во време на пандемија или вонредни услови.