Советот на јавните обвинители ја укина суспензијата на обвинителот Јован Цветановски


Советот на јавните обвинители на Македонија одлучи да ја укине суспензијата на обвинителот Јован Цветановски и предметот да го врати на повторно разгледување поради утврдени пропусти во одлуката на Првостепената комисија.

Претседателот на Советот, Башким Бесими, изјави дека по разгледување на жалбите било констатирано дека постојат недостатоци во постапката.

„Како Совет не можеме да ги исправиме тие пропусти, па предметот го враќаме назад со конкретни насоки, по што Комисијата ќе донесе нова одлука“, рече Бесими, додавајќи дека со укинувањето на суспензијата Цветановски се враќа на работа.

Цветановски беше јавен обвинител во Вишото јавно обвинителство Скопје и во јавноста стана познат по предметот поврзан со бонусите во поранешното Специјално јавно обвинителство.

На истата седница Советот ја прекина дисциплинската постапка против поранешниот виш јавен обвинител Мустафа Хајрулахи, откако тој претходно поднел барање за престанок на функцијата.

Хајрулахи беше суспендиран по обвинение од Основното јавно обвинителство Штип за повеќе кривични дела, меѓу кои малтретирање во вршење на службата и злоупотреба на службена положба, обвиненија што тој ги отфрли како политички мотивирани.

Советот на седницата донесе и одлуки за распишување огласи за избор на јавни обвинители во повеќе обвинителства во државата.