Советникот Чулакоски вели дека само 10 минути „славел“ на балконот на Офицерски во Битола

Откако потегот на Иван Чулакоски предизвика бура од реакции во Битола, советникот  објаснува зошто го направил тоа и им се извинува на сите што биле навредени


Едно од жариштата на ковид инфекциите е прославата на Нова година на платото пред Офицерскиот дом

 

БИТОЛА – Советникот од независната листа „Поинаку“, Иван Чулакоски, вели дека само 10 минути спроти Нова година се задржал на балконот на Офицерски дом во Битола и „свечениот“ момент го овековечил со фотографија. Неговото појавување на балконот предизвика бура од реакции во Битола, во кои се велеше дека некои луѓе од општинските структури имаат повластен третман во однос на другите граѓани. Советникот Чулаковски одговори на прозивките и до редакцијата на „Независен“ испрати фотографија и од 200-те балони што тој ги донирал за прославата на Нова година.

„Јас, како Иван Чулакоски не бев ангажиран во организацијата на настанот ‘Зимска приказна’, но како советник, а пред сѐ битолчанец, кој ги поддржува сите убави и позитивни работи во нашиот град, се обидов да дадам свој придонес кон уште поубава атмосфера. Имено, во координација со надлежните лица од Општина Битола и раководството на КИЦ, побарав дозвола да донирам повеќе од 200 балони кои од балконот на Офицерски ќе бидат пуштени точно на полноќ. Моето семејство беше таму со мене за да ми помогне во реализација на идејата и не повеќе од 10 минути на полноќ. Не сметав дека тоа што сакав да придонесам кон поубава атмосфера на прекрасниот настан во кој Битола живееше 9 дена, ќе биде проблем и мета на вакви критики. Ја користам и можноста да се извинам ако некој се најде навреден од мојата постапка“, стои во изјавата на Чулакоски. 

Тој на дочекот на Нова година со својата фамилија се фотографираше на балконот на Офицерскиот дом, а објави и видео на својот Фејсбук профил додека битолчани долу под него прославуваа на организиран дочек во дворот под ведро небо, во рамките на неколкудневната манифестација „Зимска приказна“. Неговото фотографирање на балконот предизвика реакции во битолската јавност-дали можеби бил „привилегиран“ да ја дочека Новата година со фамилијата во велелепниот и обновен Офицерски. Дотолку повеќе што за објектот, предвиден е протокол-правила и тарифник за користењ за фотографирање и снимање на видео снимки.

Општина Битола вчера соопшти дека Чулакоски бил самоволно во Офицерски и не бил дел од организацијата.

„Иван Чулакоски не беше ангажиран во ‘Зимска приказна’ од страна на Општина Битола. Тој, како и многу други советници кои пројавија интерес да помогнат во реализација на проектот, беше присутен во деновите на настанот. Идејата со балоните, кои беа негова донација да ги пушти во публиката на полноќ од балконот на Офицерски, беше негова и таму беше со таа цел“, одговорија од Општина Битола на прашањата на „Независен“.

Првиот човек на независната листа „Поинаку“, Габриела Илиевска, која е и претседателка на Советот на Општина Битола, смета дека не треба да се огради од постапката на својот советник, а за новинарските известувања за случајот вели оти биле провокација.

„Од самото формирање ‘Поинаку’ се труди да реализира и поддржи сѐ што е добро и позитивно во нашиот град, затоа не гледам никаква потреба да се оградам од нешто што придонесе за уште поубав настан. Битола доби и уживаше во една прекрасна ‘Зимска приказна’ и ниедна провокација не може да фрли дамка врз овој убав настан“, изјави таа за „Независен“.

Советникот од владејачкото мнозинство, Иван Чулакоски, со семејството на балконот на Офицерскиот дом ноќта на Нова година

 

Координирано или не, и директорката на Офицерски, Сандра Котевска, постапката на Чулакоски ја окарактеризира како „новогодишен гест“ без прекршување на правилата. Некни таа немаше одговор како во објектот на „свечениот“ момент се нашло и неговото семејство.

„За новогодишниот гест на Чулакоски кој самоиницијативно донираше 200 балони за надополнување на прекрасната новогодишна атмосфера, кои ги подготвил со помош на семејството, беше побарана усна дозвола од одговорното лице за безбедност на објектот Офицерски дом. Со постојана придружба од одговорното лице присутно на самата фотографија објавена од Чулакоски, тој ги пушти балоните и го овековечи моментот од неколкуте минути додека беше присутен на балконот. Во однос на одговорноста со оваа постапка  не се прекрши ниту едно правило на институцијата КИЦ Битола, и без да предизвика никакви лоши и несакани последици“, изјави Котевска.

Следствено на ова и Општина Битола не смета дека треба да побара одговорност од директорката Котевска. Туку, напротив, вели дека таа била на висина на задачата.

Како е заштитен Офицерски?

Судбината на Офицерскиот дом во Битола последните години наназад  се поврзува со драматични падови и подеми. Бившата власт од времето на Никола Груевски и екс-градоначалникот Владимир Талески имаа намера Офицерски да го продадат. Битолчани се кренаа на нозе. Доскорешната локална власт предводена од СДСМ и градоначалничката Наташа Петровска го реконструираше со средства од Светска банка и Општината, и свечено го отвори на самиот крај од мандатот. За сега новата локална власт предводена од ВМРО-ДПМНЕ и Тони Коњановски  да го стави во употреба, објектот да заживее, а битолчани да уживаат во неговата убавина и грандиозност. Но, случајот со Чулакоски фрли сенка врз моментот на заштита и менаџирање со објектот.

Од Општината велат дека се преземаат сите потребни чекори за заштита на Офицерскиот дом, за што ангажирани се двајца стражари и патролно обезбедување на објектот.

„Офицерскиот дом е реконструиран со средства, донација на Светска Банка, за што постои договор кој произведува обврски на страната на Општина Битола во делот на самоодржливоста на објектот, но и во делот на неговата заштита од оштетување. Општина Битола преку КИЦ има соодветен концепт за Офицерскиот дом, со цел тој да биде ставен во служба на настани и проекти значајни за градот, а токму ‘Зимска приказна’ е таков настан“, велат од таму.

„Зимска приказна“ која се организираше спроти дочекот на Нова година на платото пред Офицерски, ја чинеше Општината околу 1.500.000 денари.