Советниците едногласно одлучија Општината да донира 40.000 евра за модуларната болница во Битола


На иницијативата на градоначалничката Наташа Петровска, Општината да се вклучи во изградбата на модуларен ковид центар во Битола, денеска се одржа вонредна седница на Советот на Општина Битола, на која едногласно се донесе одлука за донација на нови 40.000 евра, средства од општинскиот буџет.

Пред советниците се најде Програмата за поставување на модуларен Ковид центар во дворот на Клиничката болница – Битола, како и Одлуката за давање на донација во вид на услуги и добра на ЈЗУ Клиничка болница „Д-р Трифун Пановски“ Битола за изградба на модуларна градба за вршење на здравствена дејност – ковид центар.

Градоначалничката ја образложи иницијативата за помош на Клиничка болница, во рамките на општинските надлежности, со што општината ги стави на располагање своите капацитети од административен и технички аспект, со вклученост на подготовка на терен од страна на јавните претпријатија.

Советниците ја поздравија ваквата одлука на градоначалничката и едногласно ги усвоија двете точки од дневниот ред.

Досега, на сите здравствени установи во градот, Општина Битола по разни основи за помош во ковид кризата им донираше над 80.000 евра.