Состојбата во ЕУ e како во коцкарниците – „ништо повеќе не оди“
НАНО РУЖИН
Унијата влегува во фаза на голема нефункционалност поради претераната употреба на правото на вето кое се претвора во опасен паразит
Дали стариот казино слоган на крупиеата «rien ne va plus» („ништо повеќе не оди“) почнува да ја симболизира немоќта на Европската унија и на нејзиното неединство? По тешките преговори со Унгарија и Полска и заканите со „вето“ минатиот декември, кога се усвојуваше долгорочниот буџет на ЕУ за битка против последиците од Ковид-19, потоа блокадата на Северна Македонија и Албанија од страна на Бугарија, усвојувањето на хомофобичниот закон во парламентот на Унгарија, како и блокирањето на стратешки преговори со Русија, од страна на балтичките земји, Полска и други членки, за Меркел, Макрон, Фон дер Лајен, „европската вазна се прели“.
Лидерите на државите основачи на Европската унија, беспомошно ги креваа рацете, свесни дека новодојдените членки од некогашниот комунистички блок, кои мечтаеа за демократијата и европската идеологија на Шуман, Моне, Аденауер, почнаа да отстапуваат од истата таа идеологија. Во ЕУ се здобија освен со финансиски средства и со моќно демократско оружје, како што е „правото на вето“, кое почнаа да го злоупотребуваат. Во името на рамноправноста и поимањето на оваа алатка како гарант за политичката еднаквост, оптоварени со фрустрациите на супранационалноста од минатото, тргнаа кон некои цинични национални политики заради кои ЕУ почна да наликува на хаотичен црковен хор без ноти. Дали правото на вето се претвори во опасен паразит на ЕУ?
Познато е дека во средниот век изразот liberum veto (слободно забранувам) претставувал парламентарна алатка за вето кое било на сила во Сејмот на Унијата на Полска и Литванија помеѓу 1652 и 1791. Се работи за правило на консензуална едногласност при одлучувањето кое денес функционира за некои решенија и во ЕУ. Благодарение на таквото право секој пратеник бил во состојба да го блокира кој било закон со гласното извикување «Nie pozwalam!» („Не одобрувам“)
Liberum veto во ЕУ
Историчарите сметаат дека принципот liberum veto претставувал главна причина за пропаста на политичкиот апарат на полско-литванската државна творба. Пратениците кои често биле корумпирани од страна на разни домашни и странски сили повеќе од еден век ја парализирале владата и ги блокирале сите реформи. Доволно било да се потплати само еден пратеник за да се урне секој потег против нивните интереси. Дури и изборот на кралот на Полска се претворил во влог на разни интереси и влијанија на странски амбасадори.
Кога во екот на студената војна, во педесетите години на минатиот век беше формирана ЕЗ било разбирливо што шесте држави основачи ги субордонираа нивните одлуки согласно општиот интерес на Заедницата. Биле едногласни по прашањата на ветото за пристапот на Велика Британија во ЕЕЗ во 1963 и 1966, под влијание на генерал Де Гол.
Првите недоразбирања во ЕЕЗ (ЕУ) околу прашањето на одлучувањето се наметна во време на третата фаза (1965) на развојот на заедничкиот пазар и одлучувањето преку квалификуваното мнозинство во Советот. Франција не се сложи со начинот на поделбите на финансиските квоти и го повлече својот постојан представник. Политика на „празно столче“ во ЕЕЗ траеше шест месеци и се надмина со „компромисот од Луксембург“. Со овој чин било утврдено дека во случај на неединство во Советот, ќе се бара решение кое ќе биде прифатено од страна на сите држави-членки. На тој начин било зацементирано правото на „вето“ кое ќе ја уназади ЕУ. Независно што на најмалку пет самити на ЕУ бил проширен снопот прашања за кои ќе се одлучува со квалификувано или обично мнозинство, правото на „вето“ ја претвори ЕУ во раштимуван оркестар. Оваа алатка најчесто се употребува во доменот на надворешната политика, вклучувајки го и проширувањето, доколку спорот е прифатен како општо-европско прашање, како што беше случајот во спорот помеѓу Скопје и Атина. Затоа е разбирливо зошто бугарската страна толку инсистираше проблемот на ветото кон Скопје да го претстави како спор со европски димензии а не како билатерален спор кој е вон механизмот на новата методологија за проширување.
Веќе подолго време Европа постепено се соочува со своите политички „анфан терибл“ како Орбан, Качињски, Јанша, кои рационално ги користат европските институции за да ги парализираат големите сили како Франција и Германија, кои освен реторички забелешки не можат да ги помрднат своите жетони. Законот на Орбан е „хомофобичен“, спротивен е на европските вредности, тоа е „срамен чин“, додека дијалогот со Москва е стратешки и пожелен и не ги загрозува европските вредности и интереси, изјавија во еден глас лидерите на државите основачи на последниот Самит на ЕУ.
Западниот Балкан не беше спомнат во овие препукувања, а „амнезијата“ на Европејците кон регионот е веќе познат синдром на сите Балканци. Жалиме што на исто ниво не беа подигнати и прашањето за проширувањето на ЕУ и блокадата на Албанија и Северна Македонија од страна на Бугарија, што и натаму ги подгрева сомнежите на јавното мислење на Западен Балкан, во матните игри на еврократите. Навистина постојат и олеснителни околности, бидејќи владата во Бугарија е од привремен и технички карактер, а претседателот не зафаќа поголем опсег од извршната власт. По неуспехот кај нас пароксизмот го достигна својот врв и разбирлив беше предлогот на Пендаровски за одредени алтернативни опции со САД. Убеден сум дека америкнската опција не е многу популарна меѓу еврократите, но потребно е да се даде до знаење дека политичката елита во Македонија со право е разочарана заради инертноста на ЕУ.
Макрон во офанзива
На попладневниот прес (25 јуни) пред да го напушти Брисел, францускиот претседател Макрон изјави, дека е „незадоволен од постигнатите резултати од Самитот и е разочаран од однесувањето на некогашните посткомунистички држави“. Овие држави кои долго време се трудеа да станат дел од ЕУ, кои сонуваа за европската демократија и почитувањето на основните човекови права „зачекорија во илиберализмот и сериозно ги загрозуваат европските вредности“. Примерот на Унгарија не е единствен и изолиран случај туку сигнал дека е неопходна подлабока анализа на овие режими. Макрон истакна дека овие пречки не можат да се решат преку актуелните институции туку со помош на политички средства, со имплементација на културна битка за европските вредности во која ќе се вклучат политичари, интелектуалците и НВО.
Независно што Макрон не го спомена бугарското вето кон Македонија, а условно и кон Албанија, јасно беше дека овој опоменувачки револт може да ги тангира и политиките на Софија кон Скопје. Претседателот Радев настојуваше да балансира помеѓу остриот став на Европејците и политиката на Орбан. Тој истакна дека „осудата на Унгарија нема да го реши проблемот“, а во третата реченица повеќе воден од униполарната политика кон Македонија, отколку од поддршката кон срамниот закон на Орбан, истакна дека „никој нема право да им го наметнува на другите своето разбирање и погледи кон светот“.
Со други зборови и ЕУ нема право да се меша во политиката на вето на Софија кон Скопје. Патем, Радев се повика на „европските вредности, толеранцијата и човечкото достоинство“, односно истите оние вредностите кои не ги испочитува кон Северна Македонија. Неколку дена претходно шефот на германската дипломатија Рот на Твитер напиша. „Оставете билатералните прашања да се третираат билатерално, без да се блокира целата Европската унија да се движи напред. Да размислуваме стратешки и да сфатиме дека треба да ги исполниме нашите обврски кон Албанија и кон Северна Македонија – сега! Немаме интерес да оставиме стратешки вакуум во овој регион“.
Според подобрите познавачи на Макрон и искажаните позиции нема сомнеж дека ќе преземе широка акција за промена на досегашното претерано узурпирање на институцијата „вето“ и политиката на непочитување на европските вредности од страна на илибералните режими на посткомунистички држави. Извесно е дека политиката на Макрон нема да се движи во насока на промена на правилата на одлучување на ЕУ, бидејки тоа е комплексна и долга, речиси неможна мисија. Тој ќе се потпре врз механизмот на политичкото влијание и користење на политичките и останати алатки на ЕУ за имплементација на европските вредности од страна на европските посткомунистички ревизионисти. Од содржината на разговорите за време на вечерата во Елизе Матињон и Зоран Заев може да се надева на успешен епилог, под услов да не ги прекине преговорите со Софија.
Останува дилемата дали словенечкото претседателство ќе може да го избоксува датумот за отпочнување на преговорите за Северна Македонија и Албанија? Одговорот може да е повеќевалентен. Доколку она што го напиша МНР на Бугарија за петте услови е точно, во што искрено се сомневам и во право е претседателот Пендаровски, дека се работи за „маркетиншки трик“ (бидејки од искуство знаеме дека од секој од петте услови бугарските политичари ќе вадат квадратни корени со невозможни услови) тогаш да претпоставиме дека сме наивни и лесно би ги исполниле поставените услови без да се загрозува нашиот идентитет. Во тој случај словенечкото претседателство ќе може да го реши случајот. Доколку идната бугарска влада остане на цврстите ставови како владата на Борисов, тогаш словенечкото претседателство нема да успее во своите танталови обиди, освен ако отворено не се замеша Емануел Макрон.
Конечно, францускиот претседател кого биографите го опишуваат како студен калкулант,со изострен политички талент, за време на француското претседателство во јануари 2022, ќе се обиде како пасиониран агитатор со јасни идеји да ја среди европската машинерија, но и Западен Балкан. Во отсуство на канцеларката Меркел, неговото лидерство ќе биде неспорно. Во дебатните емисии и во француските медиуми се смета дека уште сега тимот на Макрон го подготвува француското претседателство, со цел да ги убеди лидерите на илибералните демократии на некогашните посткомунистички држави да станат рационални и да се вратат на патот на европските вредности и идеи. Доколку оцени дека ловориките за Западен Балкан би му посметале во изборната кампања, тогаш ќе влијае Љубљана да го реши нашиот случај. Во спротивно меч-топката ќе ја искористи директно од Елизе Матињон за време на француското претседателство.
(Нано Ружин е универзитетски професор)