Сослушувањето на Димовски во собраниската комисија зад затворени врати

Предлогот за затворање на седницата за јавноста дојде од страна на Димовски, кој рече дека станува збор за класифицирани документи


 

Сослушувањето на директорот на Агенцијата за национална безбедност Виктор Димовски во собраниската Комисија за надзор над работата на АНБ и на АР ќе се одржи без присуство на медиумите, решија членовите на Комисијата. Предлогот за затворање на седницата за јавноста дојде од страна на Димовски, кој рече дека станува збор за класифицирани документи, но упати порака до медиумите дека по завршување на седницата е подготвен да одговори на сите прашања на новинарите. 

За предлогот на Димовски позитивно се изјаснија пет членови на Комисијата. 

Инаку, денешното сослушување е заради расчистување на случајот со давањето македонско државјанство на  Александр Онишченко, односно давањето на позитивно мислење од страна на АНБ за добивање македонско државјанство.

Во средата седницата беше прекината, откако претседателот на Комисијата Љупчо Пренџов, информира дека добил известување од директорот на АНБ Димовски дека поради работни обврски во Брисел нема да може да присуствува.

– Причината за оваа седница е бидејќи во изминатиов период се соочуваме со непријатности поврзани со нашата работа. Собранието покрај законодавна, има и надзорна улога. Имаме случај во кој човек кој е на црната листа на САД, Република Македонија му дала државјанство, рече во средата Пренџов.

Пренџов претходно најави дека директорот на АНБ Виктор Димовски ќе треба да објасни како службеници на Агенцијата го пропуштиле низ безбедносниот филтер Онишченко, кој е обвинет за корупциски зделки во Украина и ставен на американската „црна листа“.

Украинскиот државјанин Онишченко станал македонски државјанин како спортист во еквестријан по предлог на Коњичката федерација. Одлука за доделување македонско државјанство за него донела Владата по добиено позитивно мислење од сите надлежни институции.

И премиерот Димитар Ковачевски изјави дека упатил барање до институциите, кои биле вклучени во донесувањето на позитивни мислења за доделување на државјанството на Онишченко, да поднесат извештај за тоа дали и како е спроведена процедурата.

Претседателот на државата Стево Пендаровски вчера во телевизиско интервју изјави дека случајот со Онишченко претставува сериозен удар врз кредибилитетот на АНБ и на државата, како членка на НАТО. Според него, станува збор за голем системски пропуст и дека мора да има одговорност и случајот докрај да се разреши.

 

На истата тема: 

(Видео) Директорот на АНБ, Виктор Димовски, на сослушување во Собранието