Сопственикот на фирмата што доби 51 тендер бил член на Избирачки одбор од ВМРО-ДПМНЕ, објави СДСМ


Петар Огњеновиќ

 

СДСМ денеска објави дека сопственикот на фирмата „Пирамид билдинг солушнс“, која доби 51 тендер бил член на избирачки одбор како претставник на ВМРО-ДПМНЕ.

„Скандалот што го објави Антикорупцискиот тим на СДСМ за фаворит фирмата на ВМРО која од општините добила 51 тендер вредни 16 милиони евра има и друга позадина која денеска ја откриваме. Станува збор за фирмата ‘Пирамид билдинг солушнс’ и за нејзиниот сопственик, извесен Петар Доновски, кој е член на Избирачки одбор од ВМРО-ДПМНЕ на Избирачко место 2680 во Општина Аеродром. По престанување на мандатот на Доновски, ВМРО-ДПМНЕ на негово место назначува друг партиски претставник. Дали сега е јасно за поврзаноста со ВМРО и политичкото влијание? Само од општина Аеродром оваа омилена фирма има добиено 22 тендери“, рече Петар Огњеновиќ, член на ИО на СДСМ, на денешната прес-конференција.

„Овој скандал открива и нешто друго. А тоа е поврзаноста на тендерите со избирачкиот процес. Уште еден доказ зошто техничката влада мора да остане. Ако некој што бил во избирачки одбор именуван од ВМРО-ДПМНЕ добива милионски тендери, може да замислите на што би личеле избори без контролни механизми од опозицијата? Затоа не сакаат опозицијата да учествува во техничката влада, затоа што не сакаат да бидеме сведоци на криминалот и корупцијата“, рече Огњеновиќ.

Реагираше ВМРО-ДПМНЕ, велејќи дека СДСМ шири лаги и манипулации. 

Кога во нивно време, тендерите и набавките беа синоним за криминал и корупција, „Ги прашуваме СДС, дали човек смее да има фирма/бизнис, да учествува на тендер/набавка и да биде член/симпатизер на политичка партија? Дополнително, дали има некаков вид на криминал или корупција во тендерите? Ако се сомневаат во нешто, нека се јават на нивните обвинители и судии, сигурни сме дека ќе им помогнат“, вели ВМРО-ДПМНЕ.