Сообраќаец ќе внимава на учениците на крстосницата пред „Љубен Лапе“, нема семафори оти МВР не дало согласност


Општина Аеродром апелира до Град Скопје итно да изнајде решение и да постави соодветна сообраќајна сигнализација на раскрсницата што се наоѓа на улицата „Коста Новаковиќ“ кај ООУ „Љубен Лапе“.

Станува збор за многу прометна сообраќајница каде што особено во утринските часови се создава метеж, пред почетокот на наставата, кога учениците одат пеш кон училиштето или родителите ги носат со возила во тој период од денот.

– Утрово на посочената локација излегоа в.д градоначалникот на Општина Аеродром, Дејан Митески, и командирот на полициската станица во Аеродром,Тони Петровски, заедно со тим од полицијата со цел да ја увидат фактичката состојба и да постават ред за безбедно одвивање на сообраќајот. Во наредниот период на критичната точка ќе се постави полициско службено лице што ќе врши регулирање на возилата и пешаците пред почетокот на првиот училиштен час, но бидејќи станува збор за улица под надлежност на Град Скопје, потребно е да се постават семафори, со што трајно ќе се реши овој проблем, информираа од локалната самоуправа на Аеродром. 
 

Општина Аеродром во соработка со МВР вакви и слични превентивни мерки спроведува во непосредна близина на сите основни училишта со цел учениците безбедно да стигнуваат на настава, како и да се подигне свесноста кај сите чинители во сообраќајот, велат од Општината.

Од друга страна пак, авното претпријатие „Улици и патишта“ Скопје на ул.Васко Карангелевски во изминатиот период има имплементирано повеќе мерки за зголемување на безбедноста во сообраќајот, како воведување зона на школо, вибро ленти и други мерки кои значително допринесуваат за намалување на брзината на возилата, информираат од ЈП „Улици и патишта“.

Проектот за воведување на нови семафори на крстосницата помеѓу ул. „Васко Карангелевски“ и ул. „А Димовски“, е поодамна согласно ЗБСП е доставен до МВР Секторот за внатрешни работи Скопје за добивање на потребната согласност за негова имплементација, барање на кое сѐ уште нема одговор од надлежните.

До Секторот за внатрешни работи имаше доставено ОСП за светлосни сигнали семафори на истата локација, доставен е три пати, но за истиот СВР Скопје три пати се изјасни негативно односно не даде согласност за поставување, при што од таа причина не можеше да биде имплементирано на терен.

Апелираме до В.Д градоначалникот на Аеродром да си ги научи надлежностите, имено ул. „Коста Новаковиќ“ е под надлежност на општина Аеродром, додека за семафоризација поставување на ул. „Васко Каранѓелески“ го упатуваме да ургира во СВР Скопје да се издаде потребната согласност.