Сончево со мала до умерена облачност


Фото: Б. Грданоски

Времето денеска ќе биде сончево со мала до умерена облачност, попладне претежно во планинските региони ќе има услови за изолирана појава на краткотраен дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од североисточен правец.

Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) информира дека минималната температура ќе биде во интервал од 10 до 17, а максималната од 24 до 32 степени. УВ индексот ќе изнесува 6. Во Скопје сончево со мала до умерена облачност и со слаб североисточен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 14, а максималната ќе достигне до 31 степени.

-Во следните денови времето ќе биде повремено нестабилно, но и понатаму со сончеви периоди и топло. Во вторник претежно во северните делови и во среда од пладневните часови ќе има појава на краткотраен пороен дожд проследен со грмежи и краткотрајно засилен ветер понекаде со поинтензивни процеси. Утринската температура во поголемиот дел од населените места нема многу да се менува, прогнозира УХМР.