Сончевата енергија клучна за обезбедување енергетска независност


Фото: Б. Грданоски

Македонското здружение за сончева енергија Солар Македонија, денеска, ја одржа четвртата Годишна конференција за сончева енергија на која учествуваа над 100 домашни и меѓународни производители, експерти и трговци. Конференцијата ја отвори министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска, која во своето обраќање ја нагласи потребата од енергетска транзиција на државата, осврнувајќи се кон работата на ресорното Министерство.

-Сончевата енергија како неисцрпен потенцијал е клучна за обезбедување на енергетската независност. Во Министерството работиме на поддршка на инвестиции на обновливи извори, усогласување на европските стандарди и регулативи, модернизација на електро-енергетската мрежа, создавање фер и транспарентни практики. Оваа година започнуваме со една голема новина, за првпат воведуваме практична примена на законот и изработка на годишен план за развој на енергетскиот систем. Со овој процес државата јасно ги дефинира приоритетите за изградба на нови капацитети, посочи Божиновска.

Планот, рече, значи повеќе транспарентност и предвидливост, обезбедување правна сигурност на инвеститорите, дефинирање на потребите за интервенции во мрежата, како и техничка обработка на секоја иницијатива уште во рана фаза.

-Во тек е изработка на план којшто ќе ни покаже детално во каква состојба ни е мрежата. Паралелно го подготвуваме новиот Закон за обновливи извори на енергија по примерот на најновите стандарди од Европската Унија. Со него за првпат јасно ќе ги дефинираме националните цели, ќе воведеме нови пракси и регулативи, ќе ја поддржиме регионалната интеграција за отворање простор за енергетски бизниси на граѓаните и компаниите, рече Божиновска.

Во наредните години, додаде, државата мора да почне масовно да инвестира во складирање на енергија, бидејќи, како што рече, без батерии мрежата веќе ги достигнува своите лимити. Според министерката, енергетската трансформација не може да ја води само државата, туку, како што рече, компаниите треба да преземат одговорност и да вложуваат во системи кои што ја заштитуваат мрежата. 

-Во наредните години мора да почнеме масовно да инвестираме во складирање на енергија, бидејќи без батерии мрежата веќе ги достигнува своите лимити. Сигурна сум дека знаете што се случува во Португалија и Шпанија, ние не сакаме тоа да се случи овде. Оваа трансформација не може да ја води само државата, компаниите имаат обврска да градат и да преземат одговорност да вложуваат во одржливи практики и системи кои што ја заштитуваат мрежата … Затоа оваа Конференција е важна, затоа што има експерти, компании, институции и меѓународни партнери, рече Божиновска.

Претседателот на Соларната асоцијација Илија Насов истакна дека нивната мисија е да ги обедини производителите, изведувачите, увозниците и трговците, како и да ги поттикне врските меѓу експертите и истражувачите од широк спектар на научни дисциплини со цел промовирање на зголемена употреба на обновливи извори на енергија.

-Активно учествуваме како партнер на бизнис делегации на водечки меѓународни настани, како што се Интерсолар во Минхен и Ки Енерџи Експо во Римини, каде ги претставуваме врвните компании за инсталација и трговија од регионот. Третата Годишна конференција за соларна енергија беше голем успех, привлекувајќи над 200 учесници од повеќе од 15 земји, заедно со 12 почитувани панелисти и осум комерцијални презентации од значајни домашни и меѓународни компании. Овој настан се етаблираше како клучна платформа за вмрежување и размена на информации во рамките на индустријата, рече Насов.