Сонце или дожд


ЛЕЈЛА САБИТ

Во Скопје, по сонце, доаѓа дожд, и по дождот, сонце.

Како во природата, така и во животот.

Понекогаш сте среќни, понекогаш несреќни, понекогаш сте во депресија, понекогаш сте под стрес, понекогаш сакате, понекогаш мразите, понекогаш сте еуфорични, понекогаш молчите, понекогаш сте храбри, понекогаш  кукавица. Ама никогаш не сте рамнодушни на тоа што се случува околу вас или во вашата душа.

Никој не рече дека ќе биде лесно. Напротив, имате чувство дека лошото никако да помине, и вам конечно да ви светне. Сe зависи што очекувате во животот. Дали се задоволувате со малку или со многу. Дали сте свесни за вашите грешки и дали учите од нив. Дали се радувате на ситница, нечие внимание и гест или само на скап подарок или патување. Или најбитно ви е здравјето, внатрешниот мир, вам и на вашите најблиски. Никој не може да ве суди за вашите одлуки или цели во животот. Затоа секој ја сноси сам својата одговорност. Биле исправни или не.

Детството, младоста и староста си имаат свои маани и убавини. Кога си мал сакаш да бидеш голем, кога си млад сакаш да бидеш постар, кога си стар, сакаш да бидеш млад. Кога си вработен, посакуваш да не работиш, кога си невработен, сакаш да работиш. Или кога си без пари, знаеш што ќе правиш со парите, а кога ги имаш сфаќаш дека со нив среќа не се купува. Тоа е животниот циклус. Кој да ни го знае крајот. А муабети во Македонија за стандардот, политиката, економијата, естрадата, модата… имало и ќе има.

Кога е сонце, а паѓа дожд, старите велат мечка се жени. Потоа на хоризонтот се појавува виножито. Ама тоа е друга приказна.