Сомнеж по сомнеж за сертификатот за англиски за директорот на АНБ, Бојан Христовски

Директорот на Агенцијата за национална безбедност (АНБ), Бојан Христовски, на двапати го полагал испитот по ТОЕФЛ за англиски јазик, а кодот на центарот за тестирање каде што полагал не е во Пловдив, каде што е регистрирано јазичното студио „Јулија“, покажува истражувањето на БИРН.
Како што објави „Призма“, тие воделе половина година правна битка со Антикорупциската комисија, преку две одбивања и две жалби, но по судската одлука, ДКСК мораше на БИРН да му овозможи увид во предметот што антикорупционерите го водеа за директорот на македонската тајна служба.
Новинарот на БИРН, Васко Маглешов, во ДКСК направил увид во голем зелен класер, каде што се наоѓаат документите за Христовски што ги собрале антикорупционерите.
Во текстот на „Призма“ стои:
„На прв поглед, јазичниот сертификат на Христовски визуелно наликува на обрасците од ТОЕФЛ сертификати што може да се најдат со пребарување на интернет.
Но, неколку детали оставаат простор за сомнеж во неговата автентичност.
Христовски тврди дека тестот го полагал преку јазичното студио ‘Јулија’ во Пловдив, но кодот на тест-центарот што е наведен во сертификатот APCU 8007 води кон друг град – Софија.
Истиот број во Упатството на македонската Агенција за администрација, кое служи како водич за проверка на меѓународни јазични сертификати од 2019 година, се води на центар за тестирање на јазичното студио ‘Софија Лаб 1’, регистрирано во Софија.
Освен тоа, во сертификатот на Христовски стои дека го полагал преку програмата ‘Фулбрајт’ во Бугарија.
Образовниот советник во оваа организација во Бугарија, Филип Лијапов, во одговор за БИРН потврди дека комисијата спроведувала испити по ТОЕФЛ, но никогаш немала контакт со јазичното студио ‘Јулија’ од Пловдив. Освен тоа, кодот на центарот е TC 8007, кој се разликува од кодот што стои на сертификатот на Христовски.
Според сертификатот во кој, БИРН имаше увид, Христовски полагал т.н. Special Home Edition тест. Овој тест се полага од дома под строги услови. Во интервјуто за емисијата ‘360 степени’, Христовски рече дека полагал преку јазичното студио ‘Јулија’ во Пловдив, затоа што тоа било најбрз начин да дојде до таа диплома, а во Бугарија имало отворен термин.
Трите дела од испитот, читање, слушање и пишување, Христовски ги полагал на ист датум, 26 март 2022 година, а делот „говорење“ го полагал пет дена порано, односно на 19 март.
На самиот документ пишува дека резултатите од сертификатот важат две години, што во овој случај е 26 март 2024 година. Христовски беше именуван за директор во октомври 2024 година, што значи седум месеци по овој датум.
Системот за полагање нуди можност самата компанија ЕТS официјално да ги достави резултатите од полагањето до институциите, но тие полиња во сертификатот кај Христовски се празни. Кога ETS ги праќа податоците, компанијата ја гарантира автентичноста на податоците.
Христовски освоил 75 бода, што е само еден бод повеќе од минимумот што го пропишува Законот за агенцијата за национална безбедност.
Сосема на крајот од документот пишува дека резултатите постари од две години не може да се пријават или да се валидираат. Тоа беше и еден од аргументите зошто скопскиот обвинител Владимир Милошевски го затвори случајот.
Во соопштението за затворањето на предистрагата беше посочено дека е побарана помош од Бугарија, но не и директно од компанијата ETS од САД, која е единствена што ги издава сертификатите. Тоа беше направено во случај со две директорки, кои признаа дека се виновни, беа осудени и едната од нив поради тоа загуби работа.
Но, ограничувањето на рокот за резултатите од текстот што стои на документот, не значи дека компанијата ЕТS не располага со податоците кој кога полагал и со кaков резултат“.