Солидарност, избори, визија и хипокризија


ЗВОНКО ДАВИДОВИЌ

ОБСЕ се огласи со извештај за предметите на веќе заборавеното и растурено СЈО. Во извештајот се констатира долго траење на предметите кои ги води СЈО. Никаде во извештајот ОБСЕ не спомнува правда, правичност, вина, казна, објективност

 

Полека но сигурно просторот за јавно информирање сѐ помалку го зафаќа вирусот корона, а сѐ повеќе се зборува за последиците од Ковид-19 во вид на коруптивни зделки и изборите, нешто што треба допрва да нѐ сардиса подеднакво силно како и короната. Најверојатно и со исти ако не и полоши последици, осиромашен народ, тајкуните уште побогати, министрите мислат само на себе и своите фирми, едните седат дома почитувајќи го законот без оглед на верски празник, а другите собрани во толпа и сплотени со зурли слават друг верски празник.
Наеднаш солидарноста за која зборуваа и галамеа великодостојници на државава се претвори во сомнителни донации, помош и други видови парична помош на фирми кои се блиски на власта, со кои раководат луѓето од власта. Излегоа на виделина фирмите кои ја примиле помошта во стотици илјади евра и матните работи сврзани околу парите од солидарноста. Повторно принцот стана жаба како и во секоја бајка раскажана од власта и поединците кои раководат со државата. Прстот вперен во оние кои се спротивставија на ваквото сфаќање и поимање на солидарноста, сега тие кои го вперија треба да го стават на чело и да се запрашаат дали им е местото таму каде што се, дали имаат лице и образ да излезат пред очите на народот и држат говори, проповеди и предавања.

Не дека се многу способни и елоквентни во своите говори, не дека народот ги разбира туку треба да се засрамат за се она што до сега го направија за својот џеп, партијата и блиските им луѓе. Некако и овде е сѐ обратно па наместо од грдото пајче да израсне преубав лебед, нашите великодостојници од бели лебеди на почетокот стануваат грди пајчиња на крајот. И од разбирливи зборови, ветувања и определби на крај завршуваат како лажговци, манипуланти и луѓе без јасна мисла и зборови кои никој не им ги разбира. Без јасен став и определба, кои ги менуваат од изјава до изјава и по потреба, со сфаќање на политиката како шарлатанство и како можност за лично богатење тие никогаш ниту себеси ниту условите за живеење ќе ги сменат, на подобро, се разбира.

Сведоци сме дека покрај исклучително ниското ниво на култура во обраќањето на политичарите тоа изобилува со глупости, гафови и неразбирливи и комични изјави. Едни прогласуваат победа над короната, други над некој си замислен непријател, трети на изборите за кои и не се знае кога ќе бидат. Слатко се смее народот на сѐ почестите шеги на сметка на политичарите и функционерите и нивните прекари кои заслужено ги добиле меѓу народот. Некако сите сѐ повеќе наликуваат на Митко врапчето или оној вртикапата со бунда и 102,3 отсто.

Како што зборот во денешно време не значи ништо така и хартијата трпи сѐ. Секој пишува сешто, без многу размислување и без истражување, настроен или платен да подржи некого или нешто. Се нижат текстови, илјадници зборови, без сериозен пристап, со заземање на една страна навивачки се обидуваат да го креираат јавното мислење, без свој став го наметнуваат ставот на нарачателот и сѐ помалку пренесуваат информации, а сѐ повеќе ги создаваат и креираат самите.
Како се заострува реториката за избори така сѐ повеќе почнува да се спомнува судството и старите ветувања, кои веќе се лага заради неисполнувањето на ветувањата за судска реформа. Повторно се ветуваат веќе ветени реформи и се повторуваат едни те исти работи кои се веќе излитени, дегутантни, прозирни и несериозни. Оваа власт ниту имала, ниту има ниту некогаш во иднина ќе има желба и капацитет да спроведе сериозни судски реформи. Од празни ветувања не тргна ни чекор напред во остварување на ветената и прекупотребна судска реформа туку само го продолжи она што претходните го правеа. А тоа е едно големо ништо во осамостојувањето и независноста на судството со желба и усилби да продолжи мешањето на политиката во судството и контролата на извршната власт врз него. На самиот старт оваа власт го покажа и лицето, а и насоката во која ќе се движи кога се обидуваше да сокрие и амнестира градоначалник од своите редови за сторено кривично дело. Од своите преминаа на противниците, па со селективна амнестија им ги простија кривичните дела на пратениците како пазар за нивниот глас во Собранието. Изборот на јавниот обвинител, а и на оној на организираниот криминал, само ја продолжија и онака долгата рака на партијата и во обвинителството. Клиентелистичкиот однос на судиите беше топло дочекан како мирис на „расцветана пупка“, а заканата која беше испратена од партиско-владиниот претставник кон судиите кои се покажаа како непослушни и неблагодарни па ја оспорија уредбата за платите ја покажа насоката во која и во иднина ќе се движи оваа власт.

И ОБСЕ се огласи со извештај за предметите на веќе заборавеното и растурено СЈО. Во извештајот се констатира долго траење на предметите кои ги води СЈО (иако de facto повеќе не постои) и тоа поради преобемен доказен материјал презентиран од обвинителството, премногу сведоци, неактивност на судијата во раководењето со постапката во насока на намалување на доказите и сведоците, премногу снимки и нивно долго гледање и премногу аудио-снимки и нивно долго слушање. Никаде во извештајот ОБСЕ не спомнува правда, правичност, вина, казна, објективност. На нив им е единствено што предметите траат долго, а забораваат неколку работи. Нормално е да има многу снимки затоа што ова обвинителство беше формирано токму поради постоење на снимките, односно „бомбите“ и тие беа нешто од што се тргна во прибирање на доказите, а понекогаш и самите беа доказ. Забораваат дека за да се води воопшто постапка против некого СЈО мораше да докаже дека кривичните дела произлегуваат од снимките, ова е законско решение.

Исто така, се работи за повеќе обвинети кои биле на високи функции во државата и кои со повеќе дејствија вмешале и други лица што предметот го прави и обемен и сложен и со многу обвинети. Впрочем, се работи за судски постапки во кои треба да се докаже и утврди нечива вина, да се утврди вистината, да се изрече казна и сето тоа да е засновано на неспорни докази и факти. Брзо судење во вакви сложени предмети не е можно, а и во земјите на ЕУ, траат со години.
Не само на судството туку и на земјата и се потребни сериозни луѓе, со сериозни и чесни намери, луѓе со визија а не со хипокризија.

(Звонко Давидовиќ е адвокат)