Сојузниците на Баша бараат од претседателот Мета одложување на локалните избори за шест месеци


Лидерите на пет опозициски партии кои се дел од обединетата албанска опозиција, побараа од претседателот Илир Мета да ги одложи локалните избори за шест месеци.

-Претседателот Мета изјави дека е подготвен да го одложи датумот на изборите доколку има политичко разбирање, денеска ние сфативме дека не постои разбирање од криминалната власт. Затоа е многу значајно да се одложат изборите за шест месеци и да се формира преодна влада, изјави лидерот на Републиканската партија Фатмир Медиу на средбата со жителите на Камза.

Помалите сојузници се на иста линија со Демократската партија,која ја предводи обеднетата опозиција, кога станува збор за објавените „бомби“ од страна на германскиот весник „Билд“ за купување гласови во полза на владејачката Социјалистичка партија на премиерот Еди Рама, познато како досије 339.

Партиите кои се познати и како „Група на десниот центар“ сметаат дека овие разговори ја покажуваат моќта на организираниот криминал во земјата и оти Рама треба под итно да си оди.

Тие упатија апел за што поголема масовност на осмиот „национален протест“ закажан за 8 јуни (сабота) во 19:00 кога, како што најави Баша „зборот ќе го има народот“.