Софија тврди дека со забраната за Ванчо Михајлов Скопје еднострано ја толкува историјата


Бугарското МНР

 

Официјална Софија денеска реагираше откако вчера попладне македонскиот министер за правда Кренар Лога го потпиша решението со кое се одбива употребата на името Иван Михајлов за истоименото здружение од Битола. Преку изјава на портпаролот на Министерствиото за надворешни работи Бугарија соопшти дека „со зголемена загриженост ги следи случувањата во Северна Македонија поврзани со обидите за ограничување на правото на здружување на Бугарите во земјата“. Наведувајќи ја и одлуката за Централниот регистер за бугарскиот клуб во Охрид, Софија тврди дека „одлуките што ги носат властите во Северна Македонија се директно поврзани со степенот на демократизација во земјата. Тие се во спротивност со заложбите на Скопје во областа на човековите права и обврската да обезбеди еднакви права и слободи за сите граѓани, вкл. за оние кои се самоопределуваат како Бугари“.

Притоа МНР ја наведува одлуката на Судот во Стразбур околу здружението „Радко“ (псевдонимот на Иван Михајлов) од 2009 дека тоа име не е закана за јавниот ред. Софија се повикува на оваа одлука, а во исто време со години одбива да ги спроведе одлуките на Европскиот суд за човекови права околу правата на Македонците во Бугарија на здружување.

Според Софија, со одлуката на Комисијата за имињата и потоа решенеието на министерот за правда, Македонија еднострано ги толкувала историските настани. Во изјавата се наведува:

„Настаните од вчера уште еднаш ја покажуваат потребата да се постигне објективно толкување на историските настани и личности од заедничката историја меѓу Бугарија и Северна Македонија. За таа цел беше формирана Заедничка мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања. Денеска сме сведоци како едностраните и пристрасни толкувања на историските настани можат да се користат како аргумент врз основа на кој властите носат одлуки за ограничување на основните права и слободи“.