Така Конески го бранеше јазикот | ОДГОВОРОТ НА ВЕЛИКАНОТ ДО НЕГАТОРИТЕ (5)
Софија тврди дека македонскиот јазик се создал по диктат на Ѓилас
Литературниот јазик е општ за еден народ, независно дали на дадено место се говори еден или друг дијалект. Како се изградува таа јазична опшност? Со тоа што еден меѓу народните дијалекти дава основа за литературниот јазик, кој што врз таа основа се оформува
Македонскиот литературен јазик само неколку месеци се изучуваше задолжително во училиштата во Пиринска Македонија — како предмет. Тоа значи дека тој беше поставен на еднаква основа на пример со францускиот јазик, кој што исто така е задолжителен предмет во тие училишта. Наставата, како и дотогаш, се водеше на бугарски јазик. Може ли тогаш да се прими како разлог за неговото деградирање до предмет факултативен, тврдењето дека тој ќе го спречел прогресивниот развиток на македонскиот народ во Пиринска Македонија? Па нему ништо повеќе не му беше доделено одошто на францускиот јазик. Или може би францускиот јазик им е поразбирлив на учениците во Пиринска Македонија од јазикот што и „Работническо дело“ пред една година го наречуваше за нив мајчин? Со ништо не можеше македонскиот литературен јазик да го отежнува воспитанието на учениците во Пиринска Македонија. Кој што сака пак да се зафати за нешто, ќе најде сто закачки.
Нека преминеме сега понатаму на „аргументите“ што ги извлекува Чанков против нашиот литературен јазик. Откако се огради со тоа дека јазикот не е „единствена и најглавна ознака на нацијата“, и откако ги увери Македонците со примерот на „швајцарската нација“, Чанков веќе сметаше да може до мила волја да удира против македонскиот литературен јазик, без да сака со тоа, недај боже, да ѝ наштети на самата македонска нација. Го задржуваме за себе правото да се искажеме по ова прашање, т.е.: дали со напаѓањето на македонскиот литературен јазик не се оди директно и против македонската нација. А сега ќе се потрудиме да го резимираме тоа што во „Работническо дело“, освен веќе споменатото се изнесува за нашиот јазик. Сето кажување можеме да го разглобиме во следните точки:
1) „сегашниот литературен македонски јазик во Вардарска Македонија не се поклонува потполно со јазикот на та мошното население“.
2) „Скопските раководители немаат морално и фактично право да му наметнуваат на македонскиот народ таков литературен јазик што е создаден не по негова волја туку по диктат на Ѓиласа“.
3) Наместо „сегашниот официјален македонски јазик“ — „македонскиот народ сам по својата сопствена волја ќе оформи наполно свој конечен македонски јазик“.
Ќе преминеме направо на разгледување првата „теза“ на Чанкова. Тој, што се покажа така добар специјалист за теоријата на нацијата, овдека го зема правото да суди за некои поспецифични јазични прашања, како што е прашањето за односот меѓу „сегашниот“ македонски литературен јазик и македонските народни говори и поопшто — прашањето за односот на еден литературен јазик спрема народните говори. Според него нашиот литературен јазик го имал тој грев што не се поклонувал наполно со јазикот на „населението“, (термин што не одговара кога се зборува за еден самостоен народ!) во Вардарска Македонија. Речено во обратна смисла, и поуопштено, би излегувало дека еден литературен јазик треба да се поклопува наполно со народниот, за да не може Чанков да му најде никаква замерка. Но како што застанал тој на вакво становиште, не само „сегашниот“ маке донски литературен јазик што ќе настрада, ами тешко и на сите литературни јазици на светот, вклучително и на бугарскиот јазик, на кој Чанков ги изразува таквите свои мисли. Зашто за секого што макар малку е запознат со лингвистиката, тоа нешто е јасно како бел ден: дека не може литературниот јазик наполно да се поклопува со народниот.
Пред сѐ дали тоа што го викаме „народен јазик“ или „народен говор“ е нешто единствено? И конкретно: дали македонскиот народен јазик е нешто единствено? Не, зашто тој се распаѓа на ред дијалекти што се повеќе или помалку различни меѓу себе. Поинаку се зборува во Западна Македонија во Дебарско, поинаку на север — во Кумановското, а поинаку на пример во Неврокопско. Не е тоа случај, се разбира, само со македонскиот јазик. Нека ја споменеме на пример разликата на шопскиот, родопскиот и североисточниот дијалект во Бугарија, разлика што не е незначителна. Познато е дека на територијата од извесни јазици говорните разлики се толку големи што луѓе од еден крај не можат дури и да се разбираат со луѓе од друг некој крај (така во Италија). Со еден збор: народните говори и дијалекти се повеќе, а литературниот јазик е еден. Како може при таа ситуација да се бара, литературниот јазик да се поклопува наполно со народниот јазик, тоа за ниеден логичен ум не може да биде јасно.
Литературниот јазик е општ за еден народ, независно дали на дадено место се говори еден или друг дијалект. Како се изградува таа јазична опшност? Со тоа што еден меѓу народните дијалекти дава основа за литературниот јазик, кој што врз таа основа се оформува и после преку училиштата, печатот, радиото итн. се шири и се усвојува на дадена јазична територија. Но и со тој дијалект што ја полага основата за него, литературниот јазик не може наполно да се поклопува. И тоа поради следните две причини: 1) што во образувањето на литературниот јазик земаат помал или поголем удел и другите народни говори, особено со внесувањето на зборови во речникот на литературниот јазик, но исто така дури и со внесувањето од нив на некои граматички и други особености; 2) што, најважно, литературниот јазик по својата сушност претставува едно ново качество наспрема народните говори. Тој треба да развие многу повеќе средства за израз, одошто можат да се најдат создадени во народните говори. Во областа на научната терминологија тој треба да се обогатува со маса нови зборови, преку заемање или ковање наново; така е, зашто на пример во јазикот на бајачките го нема тоа што им е потребно на медиците. Цело преобразување во литературниот јазик доживува реченицата, разгрнувајќи се и усложнувајќи се итн. итн. — за да не ги повторуваме нашироко толку познатите работи.
Како стои во овој поглед со бугарскиот литературен јазик? Да ли барем тој се поклопува наполно со бугарскиот народен говор? Се разбира, не. Попусто ќе се бара меѓу бугарските дијалекти таков што би се поклопувал со литературниот јазик како склупца со склупца. Бугарскиот литературен јазик се базира на источно-бугарското наречје. Но ете во него наоѓаме дури и црти што се типични македонизми, па не само тоа ами типични србизми. Мислиме овдека на формата за глаголскиот прилог на —аи’ки, — еи’ки: викаи’ки, молеи’ки и сл. — форма земена од македонскиот, а уште порано, како што самата бугарска лингвистика докажува, влезена во македонскиот од српскиот јазик. Да дадеме уште еден пример: попусто ќе се бараат партиципните форми на — ащ, — ещ, толку чести во бугарскиот литературен јазик, во некој народен говор. Тие се во живиот јазик одамна исчезнати, а внесени се во бугарскиот литературен јазик по углед на стариот црковен славјански јазик. Ниту се зборовите како: пријатно, предпријатие и уште толку други земени од народниот бугарски јазик, ами се русизми итн. итн.
Како стои во овој поглед бугарскиот литературен јазик? Дали барем тој се поклопува наполно со бугарскиот народен говор? Се разбира, не. Бугарскиот литературен јазик се базира на источно-бугарското наречје. Но ете во него наоѓаме дури и црти што се типични македонизми, па не само тоа ами типични србизми
Следствено, бугарскиот литературен јазик не се поклопува наполно со ниеден од бугарските говори, и тоа е сосем природна работа, и поради тоа не престанува тој помалку биде национален бугарски јазик. Истото нешто важи и за македонскиот литературен јазик, и ако некои луѓе, преку „Работническо дело“, сакаат тоа да му го припишат за мана, тогаш тоа може да биде само доказ за нивното незнаење на општо познати работи, потсилувано со една јавна непријазан спрема македонскиот литературен јазик. Колку за односот меѓу литературниот и народниот јазик нека се поучат тие барем од зборовите на Максим Горки кој што во таа смисла се изразува за рускиот јазик вака: „Кај нас во секоја губернија и дури во многу околии има сопствени наречја, сопствени зборови, ама писателот мора да пишува руски, а никако вјатски или балахонски. Пишувате за луѓе на огромна, разнообразна земја и морате бездруго да ја спознаете простата вистина: … за да се разбираат луѓето побрзо и заимно, мораат сите да се изразуваат на еден јазик“.
Нека преминеме сега на втората „теза“ од Чанкова против македонскиот литературен јазик. Според него „сегашниот” македонски „официјален“ јазик е создаден по „диктат на Ѓиласа“, т. е. по диктат на „тесноградите националисти“ од Белград. Тоа значи дека од страна на еден член на ЦК БРП(к) и во партискиот орган на БРП(к) се откажува длабоко историски обусловениот развиток на тој јазик, што би ги изјавувал основните карактеристики сходни со развитокот на другите литературни јазици, ами се претставува работата така, како да имаме во случајот јазик создаван вештачки, по директива, по диктат.
Нека ни дозволи читателот да го потсетиме на ова место за становиштето на пример на великобугарските шовинисти во однос на нашиот литературен јазик, за кое говоревме уште во почетокот. Тоа становиште се сведуваше на тврдењето дека македонската нација и македонскиот јазик се создаваа вештачки, по директива од Белград, дека сето тоа е „измисли ца на српските комунисти-империјалисти“. Што ќе установиме ако го споредиме гледиштето изнесено во „Работническо дело“ со гледиштето на великобугарите? Ќе установиме дека тука заправо и немаме две гледишта, ами едно единствено. Кој од кого се позајмил е наполно јасно: Чанков, што така страшно го громеше во својата статија од 9. X. 1947 година (не од 9. X. 1948, зашто лесно може да се збрка) по сите линии великобугаризмот, денеска се послужува против македонскиот литературен јазик со еден од најизлижаните аргументи од великобугарскиот идеолошки арсенал. Не само тоа, ами по прашањето за нашиот јазик Чанков се доближува наполно и до становиштето на Грола. Разликата меѓу нив е дури и во термините со кои се служат речи си никаква. Грол говори за јазик што белградските комунисти го создавале со „декрет“, а Чанков за јазик што тие го создавале со „диктат“ — што е сосем иста работа. И така, сакал тоа Чанков или нејќел, тој по прашањето за македонскиот литературен јазик се слага во основата со идеолозите и политичарите на великосрпската реакција (што во стара Југославија го угнетуваше македонскиот народ), а удира против Комунистичката партија на Југославија (што уште во стара Југославија со збор и со крв се бореше за да постигне и македонскиот народ своја национална слобода). Разликите меѓу гледиштето изложено во „Работническо дело“ и гледиштето на великосрбите настануваат веќе оттука натаму. Како што знаеме, во „Работническо дело“ се тврди дека „повеќето Македонци зборуваат на бугарски јазик“ (за помалцето останува сами да се домислуваме на каков јазик зборуваат), додека великосрбите наоѓаат во Македонија само „српски дијалект“. (Продолжува)
(Овој фељтон е пренесување на книгата-реакција на Блаже Конески – „По повод најновиот напад на нашиот јазик“, издадена во декември 1948 година, како одговор на бугарските оспорувања на македонскиот литературен јазик)