Софија тврди дека ќе ја заврши пругата кон Македонија до 2030 година

На Бугарија не ѝ е јасно зошто македонската влада го кочи железничкиот Коридор 8: Едно зборуваа во Брисел, друго во Скопје, вели бугарската министерка за транспорт и комуникации Красимира Стојанова


Пругата кон Бугарија е бескрајна приказна

Најдоцна до 2030 година бугарска страна ќе ја заврши пругата кон Македонија, дел од Коридорот 8. Ова го изјави министерката за транспорт и комуникации на Бугарија, Красимира Стојанова, во интервју за Бугарија ON AIR, емитувано викендов.

Стојанова во интервјуто истакна дека тоа повеќепати им било кажано на властите во Скопје, вклучително и на средбата на 16 октомври во Брисел, на која присуствуваа експерти на Европската комисија и претставници на Софија и Скопје од надлежните министерства, како и финансиските институции ЕИБ и ЕБОР. На оваа средба Бугарија и Република Северна Македонија ја потврдија посветеноста на изградбата на Коридорот бр. 8, соопшти ЕК, изразувајќи го своето задоволство.

Средбата на високо ниво во Брисел се одржа меѓу претставниците на ЕК, Бисер Минчев, заменик-министер за транспорт и врски на Бугарија, Стефан Вулкановски, државен секретар во Министерството за транспорт (МТС) на РСМ, Синиша Ивановски, директор за железничка инфраструктура во РСМ, финансиските институции ЕИБ и ЕБОР и Секретаријатот на Транспортната заедница.

Стојанова вели дека била изненадена кога неполн ден потоа, вицепремиерот и министер за транспорт во Скопје, Александар Николоски изјави дека проектот за Коридорот бр. 8 ќе мора да се промени, бидејќи нема договор од македонска страна за постоечкиот проект и цена. Премиерот Христијан Мицкоски додаде дека Скопје нема да ја гради третата делница од пругата од Коридорот бр. 8 додека Софија не ја заврши својата половина од тунелот.

„Во однос на поврзувањето на двете граници, Бугарија во моментов ја има изградено целата железничка инфраструктура, а една делница од околу 2,5 километри е неизградена. Нашата земја има обезбедено финансирање за тоа. Техничкиот проект ќе биде готов до крајот на 2024 година, а нашата земја ќе биде подготвена најдоцна до 2030 година да ја изгради делницата од Ѓуешево до границата со Република Северна Македонија. За жал, не гледаме гаранции и јасни рокови кога колегите од РСМ ќе го изградат својот дел во делот од Крива Паланка до граница со Бугарија“, изјави и министерката Стојанова за Бугарија ON AIR.

Красимира Стојанова, министерка за транспорт и комуникации во Владата на Бугарија

Во врска со фамозниот тунел кој треба да ги поврзе двете земја, и за кој од македонска страна се потенцира дека „завршува во слепа улица“, Стојанова вели дека бугарската страна има изградено дел од прекуграничниот тунел „Деве Баир“ уште во 1948 година, но сепак, не прецизира децидно дали рокот 2030 годиан го опфаќа и тунелот.

„Бугарија во моментов ја има изградено целата инфраструктура, оставајќи една делница неизградена, која е околу 2,5 км. Нашата земја има обезбедено средства за тоа, техничкиот проект ќе биде готов до крајот на 2024 година, по што се планираат административни постапки за експропријација, а нашата земја ќе биде подготвена да го изгради делот од Ѓуешево до границата со РСМ најдоцна до 2030. За жал, не гледаме гаранции и јасни рокови кога колегите од РСМ ќе ја градат својата делница од Крива Паланка до границата со Бугарија. Другото нешто што треба да го преземат двете страни, би рекла многу похрабро и поамбициозно, е таканаречениот прекуграничен тунел Деве Баир. Бугарската страна изгради дел од овој тунел уште во 1948 година. Од страна на РСМ нема градба во однос на нивниот дел од тунелот. Така што нивните обвинувања дека Бугарија ништо не изградила, Бугарија не е подготвена и затоа нема да ги дадат парите на даночните обврзници за да одат во хаос, се категорично невистинити“, вели Стојанова.

Таа додава дека Коридорот 8 започнува од Бари и Бриндизи, поминува низ пристаништето Драч во Албанија, поминува низ Скопје, потоа преку Софија, Пловдив се поврзува со Варна и Бургас.

Од Бари и Бриндизи, преку Драч, Скопје, Софија, Пловдив до Варна и Бургас: Мапа на Коридорот 8 (Фото: принтскрин Јутјуб)

„Дури и едноставна графика може да ни даде јасна идеја за придобивките од овој Коридор“, вели Стојанова. „Тоа е единствениот паневропски коридор кој, кога ќе се изгради како железничка инфраструктура, би го поврзал Балканот од исток кон запад, што значително ќе го олесни поминувањето, ќе ги скрати часовите, ќе создаде многу повеќе можности за движење на луѓе, стоки, капитал и услуги“, посочува бугарската министерка.

Таа исто така вели дека е изненадена зошто од македонска страна се зборува за корупциски проект.

„Дали некој мисли дека финансиските институции со таква надлежност, како што се Европската инвестициска банка и ЕБОР би инвестирале во коруптивни проекти?“, посочи таа додавајќи дека за ова нема објаснување.

„Она што не ми е јасно е зошто колегите од РСМ ги лишуваат нивните бизниси, нивните сограѓани да имаат пристап до повеќе пазари, до поголема конкуренција, до побрзо движење“, рече Стојанова.

На крајот, таа потврди дека Коридорот бр. 8 е приоритет за Бугарија, за ЕК, за НАТО и изрази надеж дека проектот ќе биде приоритет и за Северна Македонија.