Софија бара совети од Скопје како да формира антикорупциска комисија

Меѓувладина средба на високо ниво на која се разменуваа искуствата за борба против корупцијата


 

Владини делегации на високо ниво на Македонија и Бугарија денеска разговараа за македонското искуство околу формирањето на независната и професионална Државна комисија за спречување на корупцијата. Вицепремиерката за политики за добро владеење, Славица Грковска,  имаше работен состанок со вицепремиерката за добро владеење на Бугарија, Калина Константинова и министерката за правда Надежда Јорданова, на кој беше презентирано како Македонија ја формираше Антикорупциската комисија.

Состанокот беше одржан во хибриден формат, а на него присуствуваа и македонскиот заменик-министер за правда Агим Нухиу, како и членовите и претседателката на Државната комисија за спречување на корупција, Билјана Ивановска, која подетално ја презентираше работата на Антикорупциската комисија.

Грковска оцени дека овој состанок е дел од соработката со Бугарија во рамки на Работната група за европска интеграција и зелени политики, која нуди одлична можност за двете земји да ги разменат позитивните искуства во одредени области.

„Овој состанок произлезе од разговорот што го имав со министерката Јорданова која покажа интерес да се запознае поблиску со нашето позитивно искуство околу формирањето и обезбедувањето на независност на Државната комисија за спречување на корупцијата со оглед на тоа што Бугарија се соочува со предизвици на ова поле“, истакна заменик-претседателката на Владата, Грковска.

Бугарската министерката за правда, Јорданова, нагласи дека бугарската влада во моментов работи на нова законска регулатива со цел да се зајакне антикорупциската борба, бидејќи во моментов институционалната поставеност не дава конкретни резултати.

„Работиме на ново законодавство за да се засили антикорупциската комисија, со што ќе се зајакне борбата против корупцијата и затоа е добро да го слушнеме искуството на Северна Македонија во овој сегмент“, нагласи Јорданова.

Заменик-министерот за правда Агим Нухиу истакна дека со новиот Закон за спречување на корупцијата и судирот на интереси, од јануари 2019 година се зајакнати критериумите за избор на составот на Државната комисија, утврден е транспарентен процес на селекција и избор на членови на Комисијата, а инкорпорирани се и други препораки добиени од домашни и меѓународни експерти.

Претседателката на Антикорупциската комисија, Билјана Ивановска, нагласи дека обезбедени се услови за независна, професионална Антикорупциска комисија со зголемени надлежности.

„Значајно е што со новата законска регулатива ДКСК има директен пристап до бази на податоци што ги имаат и одржуваат други органи. Нашата работа е јавна, нашите седници се јавни и граѓаните имаат директен увид во предметите што ги работиме. Работиме и на целосна примена на законот за заштита на укажувачите, како еден од клучните закони во борбата против корупцијата“, рече Ивановска и нагласи дека со заменик-претседателката на Владата Грковска и со Владата воопшто има одлична соработка.

Во рамки на дискусијата тимовите на двете држави разменија мислење и во делот на законската регулатива за конфискација и потекло на имот, проверка на интегритетот, односно ветингот, контролата на имотот, како и за други прашања кои се во интерес на зајакнување на антикорупциските политики и пракси.