Собраниска делегација на Марaкeшкиот форум – потврдена посветеноста на економски развој на Медитеранот

Собраниска делегација учествуваше на 3. издание на Марaкeшкиот економски парламентарен форум за Евромедитеранскиот регион и Заливот, организиран од страна на Парламентарното собрание на Медитеранот (ПАМ), кој заврши денеска во Марaкeш, Мароко.
Како што соопштија од собраниската прес – служба, делегацијата беше предводена од претседателот на Собранието, Африм Гаши, во состав со пратениците: Сали Мурати, Дафина Стојановска и Калтрина Беќири.
Пратеникот Сали Мурати се посочува, активно учествувал во сите три сесии на дводневниот форум, давајќи значаен придонес во дискусиите за клучните прашања на економската соработка во регионот.
На првата сесија: Еволутивен пејзаж на меѓународната трговија и финансии во Евромедитеранскиот регион, пратеникот Мурати истакнал три клучни правни предизвици кои ја определуваат меѓународната трговија: правната сигурност како фундаментален предуслов за економски просперитет; регулаторната конвергенција за намалување на „невидливите бариери” и парламентарниот надзор над трговските договори за зајакнување на транспарентноста и демократската легитимност.
Било предложено усвојување на „медитерански принципи за правна сигурност во трговските односи” за воспоставување минимални стандарди за правна заштита и регулаторна транспарентност во регионот.
На втората сесија: Енергетска адаптација во Евромедитеранскиот регион, беа истакнати три суштински правни димензии: правото на енергетска безбедност како фундаментално човеково право; прекугранична регулаторна соработка за хармонизирање на енергетските регулативи и транспарентност во енергетските договори за спречување корупција и обезбедување јавна доверба.
Предложено беше усвојување на „медитеранска декларација за транспарентност и добро управување во енергетскиот сектор”.
На третата сесија: Вештачка интелигенција и нејзино управување – Зајакнување на парламентарната свест за развој, примена и регулација на ВИ, пратеникот Мурати во своето обраќање се заложи за три принципа за пристапот кон вештачката интелигенција: уставна заштита на човековото достоинство како непопустлив стандард; проактивна парламентарна контрола наместо реактивна регулација и правна одговорност и отчетност со јасно дефинирани механизми.
Од страна на Мурати било предложено, се додава, Парламентарното собрание на Медитеранот да усвои нацрт-резолуција за основните принципи на парламентарна контрола над развојот и употребата на ВИ технологиите.
-Учеството на Собраниската делегација на овoj значаен регионален форум ја потврди посветеноста на нашата земја кон меѓународната соработка и активното учество во обликувањето на правната рамка за економски развој во Медитеранскиот регион. Преку конструктивните придонеси во дискусиите, нашата делегација ја истакна важноста на правната сигурност, транспарентноста и парламентарниот надзор како столбови на одржливиот економски развој и демократското управување, стои во соопштението од собраниската прес – служба.