Собранието усвои повеќе закони, одби два предлога на Левица


П

Собранието денеска донесе повеќе закони од различни области. Со 79 гласа „за“, без воздржани и без ниту еден глас против, Собранието ја донесе Предлог-одлуката за давање согласност на општиoт акт на Народниот правобранител. Собранието ги донесе и Законот за инспекциски надзор во животната средина и Законот за изменување и дополнување на Законот за минерални суровини, и двата со европско знаменце, како и Законот за изменување и дополнување на Законот за установите.

Претседателот на Собранието Талат Џафери информира дека нема услови за разгледување на  изменување на Законот за заштита на децата,  Законот за поштенските услуги и Законот за здравствената заштита, сите во скратена постапка, односно не се разгледани на матичните комисии.

 Собранието ги одобри и измените на Финансискиот план на Јавното радиодифузно претпријатие Македонска радио-телевизија за 2022 година.

Пратениците потоа ја продолжија 68-та седница, во чии рамки ги донесоа  измените на Законот за трговските друштва и Законот за техничката инспекција, по скратена постапка и со европско знаменце, како и измените на Законот за административни службеници и на Законот за социјална заштита, исто така по скратена постапка. 

Согласно Деловникот на Собранието, пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ Лидија Петкоска предложи дневниот ред на 69-та седница да се дополни со нова точка, Предлог-закон за измена на законот за трговија, а Драган Ковачки од ВМРО-ДПМНЕ побара дневниот ред да се дополни со Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за служба во Армијата на Република Македонија.  Џафери рече дека се работи за класична злоупотреба на процедурата и информира дека предлог-законот е доставен вчера попладне како текст и според процедурите не може да се најде на дневен ред. Тоа, како што рече, преостанува за наредна седница и предлогот нема да се стави на гласање. Џафери за предлогот на Ковачки рече дека не е почната законодавна постапка, не е распределен законот се уште, нема услови за гласање и нема да се гласа.

 
Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, процедурало реагираше дека се работи за закон поднесен по итна постапка и од само две страници и рече дека не е во ред оправдувањето дека законот не е преведен. Според него, се крши Деловникот и со интенција законите што доаѓаат од опозицијата не се ставаат како точки на дневен ред.
 
Поддршка од пратениците не доби и на дневен ред  не се најдоа предлог-измените на Законот за заштита на децата, поднесен од пратениците на Левица, по скратена постапка. Пратениците од Левица посочија дека го поднеле овој Предлог-закон на барање на родителите на децата со попреченост, со кој, како што рекоа, требаше посебниот додаток од  5.021 денари да се зголеми двојно повеќе.  Поддршка не доби и Предлог-законот за материјално обезбедување на стечајците, исто така поднесен од Левица.