Собранието од една влезе во друга блокада

Два пратеника на Беса го зголемија бројот на комисиите каде што мнозинство има опозицијата, а четирите пратеника на Алтернатива не го отслкуваат новиот распоред на силите во Собранието


Координаторот на пратеничката група на СДСМ, Јован Митрески, за „Утрински брифинг“ изјави дека опозицијата блокира повеќе суштински закони

 

Владејачкото мнозинство го зголеми бројот на пратениците, но во исто време стана малцинство во голем број собраниски комисии.

Тоа е резултат на преминувањето на изборниот партнер на СДСМ, Беса, во опозиција. Беса сега има само два пратеника  во Собранието, но тие два пратеника го прават мнозинството на опозицијата во една третина од комисиите, без оглед што Алтернатива влезе во владејачката коалиција со четири пратеници.

Јован Митрески, координаторот на пратеничката група на СДСМ, во денешното гостување во „Утрински брифинг“ на Слободна ТВ рече дека новото мнозинство во парламентот не се пресликува во седум од комисиите. Како еден од најексплицитните примери тој ја посочи Комисијата за избори и именувања. Таа е блокирана откако со Фадил Зендели од Беса опозицијата сега има мнозинство во неа. Тоа е и причината што таа не може да предложи кандидати за уставни судии во ситуација кога Уставниот суд се сведе само на пет од девет членови.

„Не станува збор само за изборот на уставни судии. Станува збор за една состојба во Собранието, така што новото парламентарно мнозинство не е пресликано во дел од комисиите. Сега имаме ситуација во седум комисии, меѓу кои се комисиите  за избори и именувања, за одбрана, за локална самоуправа, каде што мнозинството не соодветствува на новото мнозинство во Собранието. Таму Беса го прави мнозинството, иако е во опозиција. Ова што се случува последниве недели е практично блокирање на Собранието. Се надевам дека во наредниот период, низ разговори, ќе излеземе од оваа ситуација“, рече Митрески во „Утрински брифинг“.

Новата напнатост во Собранието се виде и денеска на седницата на Комисијата за политички систем каде пратениците од ВМРО ДПМНЕ (голем број од нив облечени во маички со ликот на Гоце Делчев) побараа да се повлече законот за Академија на судии и јавни обвинители поради европското знаменце и наводно непочитување на процедурите од собранискиот Деловник. Според нив, овој закон ја отворал вратата за партизација на правниот систем. Претседателката на комисијата, Соња Мираковска, тврдеше дека без оглед што законот е со европско знаменце, тој ќе се носи по редовна, а не по скратена постапка. Опозцијата забележува дека со начинот на бодување, односно спроведувањето на приемниот дел или практичниот испит, ќе зависел исклучиво од приемната комисија.

Во една по малку хаотична ситуација седницата на Комисијата беше прекината.

Митрески вели дека опозицијата блокира повеќе суштински закони, законот за наставници и стручни соработници во основното и во средното образование, на пример.

„Сме поминале над 900 точки во изминатиот период, ама има 30-40 закони кои се суштински, а ВМРО-ДПМНЕ ги блокира. Сега најавуваат амандмани за скалесто покачување на платите по зголемување на минималната плата, а од април минатата година го блокираат законот со кој се предвидува коефициентот на плата на наставниот кадар (околу 4.700 наставници) да се коригира согласно порастот на минималната плата во државата. Да не го блокираа тој закон, наставниците уште пред десетина месеци ќе имаа повисоки плати“, рече Митрески.

Тој посочи на две можни причини поради кои опозицијата ја кочи работата на Собранието: „Мислам дека преку блокадите сакаат да создадат некаков впечаток и Владата и Собранието се нефункционални. Втората работа е што можеби опозицијата сака да предизвика инциденти во парламентот“.

Една од комисиите каде е најеклатантно блокирањето е онаа за надворешни работи. На нејзино чело е Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ. Таму со месеци чекаат да поминат на сослушување предложени амбасадори, но тоа никако не се случува поради тоа што Милошоски не ги става тие точки на дневен ред. Поради тоа и за оние земји каде што имаме назначено амбасадори, а тие имаат добиено агремани, не можат да заминат на нивната должност.

Како може да изгледа расплетот од оваа заплеткана ситуација можеби ќе се знае малку повеќе на утрешната седница на Собранието кога треба да се расправа за зголемувањето на минималната плата. (Н.В.)