Собранието на „туркање“, денес координација за да проработат работните тела
Претседателот на Собранието, Талат Џафери, денес свика координативната средба на која беа присутни координаторите на пратеничките групи на СДСМ, ДУИ, ВМРО – ДПМНЕ и претставникот на политичката партија Левица. Целта беше да се деблокира целокупната работа на Собранието, со оглед на тоа што работата на дел од матичните работи тела е закочена повеќе од 5 месеци.
Претседателот нагласи дека не смее да има приоретизирање на одредени точки затоа што лидерите на политичките партии се договориле за тоа надвор од Собранието. Според него, работата на Собранието треба да се деблокира на секое ниво и сите политички партии треба да ја напуштат праксата на заложништво на процесот на усвојување закони, немање кворум заради оправдани здравствени причини на пратеници поврзани со КОВИД – 19 пандемијата, или поднесување на огромен број амандмани по еден закон, оптоварувајќи ја и службата на Собранието, а не само законодавниот процес.
Претседателот нагласи дека, праксата на условување не оди во прилог никому. Претседателот е одговорен за почитување на Уставот и Деловникот, за зачувување на дигнитетот на Собранието. Собранието е државна институција, треба да се работи на тој начин и во работата не смее да има ултиматуми.
Заклучокот од Координативната средба е дека утре (15 април), Собранието продолжува со работа по 32 седница, додека за натамошната динамика на работа, ќе се координираат дополнително.