Собранието ја заврши расправата за полициско училиште , гласањето ќе биде дополнително закажано

Собранието попладнево во рамки на 67. седница ја заврши расправата по Предлог на Законот за средно полициско училиште по скратена постапка. Гласањето за овој предлог-закон ќе биде дополнително закажано.
Потпретседателката на Собранието, Весна Бендевска соопшти дека овој закон се донесува со мнозинство гласови од присутни пратеници, при што мора да има мнозинство гласови од присутните пратеници што припаѓаат на заедниците кои не се мнозинство.
Оливер Спасовски, координатор на пратеничката група на СДСМ нагласи дека оваа законско решение е противуставно, целосно е вон од Законот за средно образование, во никаква корелација со овие законски норми и на тој начин, како што рече, излегува надвор од рамките од образовниот процес во Македонија.
Оливер Спасовски
-Ваков закон не треба во никој случај да се носи по скратена постапка заради тоа што, како што рече, не е закон којшто е едноставен во однос на спроведувањето за да можеме набрзина да ги донесеме законските решенија без притоа да се направи една целосна анализа и во однос на потребата и во однос на концептот којшто треба да го направиме за да еве ако сакаме да воведеме средно полициско образование, како и на кој начин тоа да го направиме и при тоа таа анализа да биде и во насока да видиме како тоа се прави во Европа и во светот во овие моменти, што е тоа што одговара на македонското општество или не одговара итн. На основа на тоа да се носат одлуки при носењето на законско решение и затоа сметам дека вака набрзина во скратена постапка ќе биде едно законско решение коешто ќе е избрзано и коешто на крајот нема да ги даде ефектите такви какви што треба да ги даде и веројатно ќе доаѓа до промени на законски решенија како што тоа се правеше во изминатиот период, рече Спасовски.
Собранието во рамки на денешната седница по скратена постапка донесе неколку закони – Предлог на законот за изменување на Законот за проспекти и обврски за транспарентност за издавачите на хартии од вредност, Предлог на законот за изменување на Законот за решавање банки и Предлог на законот за изменување на Законот за финансиски инструменти.
И денешното продоолжение на пленарната седница почна по едночасовна пауза на барање на пратеничката група на Левица кои очекуваат одговор од генералната секретарка на Собранието за патните трошоци и кирии за сите пратеници.