Собранието именува претседател и членови на Државната комисија за жалби по јавни набавки


Фото: Б. Грданоски

Собранието во рамките на денешната работа по дневниот ред на 47 седница го именува Бујар Сулејмани, дипломиран правник со положен правосуден испит од тетовското село Ларце, за претседател на Државната комисија за жалби по јавни набавки.

За членови на Државната комисија за жалби по јавни набавки се именувани: Наташа Јовановска Милошевиќ, дипломиран правник од Скопје, Маја Малахова, дипломиран правник со положен правосуден испит од Скопје, Савка Нејковска Тасева, дипломиран правник со положен правосуден испит од Скопје, Вене Тасев, дипломиран правник со положен правосуден испит од Скопје, Јован Трпевски, дипломиран правник со положен правосуден испит од Скопје и Адил Емини, дипломиран по бизнис администрација од село Желино.

Пратениците во рамки на денешната седница ја завршија расправата по Предлог одлуката за именување на членови на Програмскиот совет на Македонската радио – телевизија. Гласањето по точката, како што рече, претседателот на Собранието Африм Гаши, ќе биде дополнително кога ќе се создадат услови за тоа.

За членови на Програмскиот совет на МРТВ се предлагаат: Лазо Трпков, специјалист политиколог од Скопје, Давор Пашоски, магистер по европски студии за интеграција од Скопје, Марјан Велевски, дипломиран новинар од Скопје, Миле Грозданоски, дипломиран по историја на книжевност од Скопје, Ивана Ефремовски, дипломиран новинар од Скопје, Билјана Бабиќ, дипломиран новинар од Скопје, Владимир Палашевски, дипломиран политиколог од Скопје, Маја Седрак, магистер по музички науки од Скопје, Бурим Рамадани, дипломиран музичар-теоретирач педагог од Куманово, Патриот Лумани, дипломиран новинар од Франгово – Струга, Музбајдин Ќамили, дипломиран актер од Тетово, Беким Лачи, дипломиран професор од Скопје и Томислав Кежаровски, дипломиран правник и политиколог од Скопје.

Во општата расправа за Предлог одлуката пратеникот Амар Мециновиќ од Левица, рече дека оваа точка е ретка како еклипса и последен пат изборот на програмскиот совет на МРТ пред пратениците бил пред 11 години и дека ќе го поддржат гласањето.

-Се имаме просто откажано од оваа институција и како да не правиме ништо, но сметам дека е добро да се донесе нов програмски совет и членови, затоа што не знам кој мандат трае 14 години, што е едно фараонско владеење. Ја поздравуваме насоката на промена на програмскиот совет, но сметаме дека мора негде да се почне, изјави Мециновиќ.

Образовната програма на МРТВ по 60 години, според Мециновиќ, е убиена и 80 проценти е ко-продукциски проекти.

-Дали е нормално Метео на МТВ да биде во ко-продукција? Овде нас јавниот сервис ни го имаат окупирано ко-продукции. Тоа не е ништо друго, него криминал. Тоа е вулгарен криминал и испумпување пари од јавниот сервис. Има индиции дека преку МТВ се купуваат филмски камери и опрема за во живо и потоа тие одат во приватни ко-продукции. Тоа е еден зачаран круг… Нешто мора да се преземе и програмскиот совет на МРТВ не смее да биде дел од овие криминални шеми, изјави Мециновиќ.

На ова реплицираше Бобан Карапејовски од ЗНАМ, кој рече дека предложените луѓе во новиот состав на Програмскиот совет на МРТВ се лица со кредибилитет и долгогодишно работно искуство.

Согласно Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, членовите на Програмскиот совет на МРТВ ги именува и разрешува Собранието, врз основа на претходно спроведен јавен конкурс и организирана јавна расправа за кандидатите. Членовите мора да бидат македонски државјани со високо образование, да имаат најмалку осум години работно искуство во струката и  во јавноста да се истакнале во областа на комуникологијата, новинарството, информатиката, културата, економијата или правото, од значење за Програмскиот совет.

На огласот објавен на 12 март годинава беа пријавени вкупно 39 кандидати, од кои Собраниската комисија за избори и именување утврди дека 24 ги исполнуваат условите и на 14 април одржа јавна расправа по која 13 беа избрани за предлог кандидати за членови на Програмскиот совет.  

Претходно, Собранието повеќе од еден час го утврдуваше дневниот ред на 47. седница на која има вкупно 14 точки од кои дури 12 се по скратена постапка заради што претседателот на Собранието Гаши ги задолжи матичните комисии и Законодавно-правната комисија да расправаат по предлог законите.

По изгласувањето на одлуката за именување на претседател и членови на Државната комисија за жалби по јавни набавки беше прекината седницата, а нејзиното продолжение дополнително ќе биде закажано.