Собранието ги разреши министрите на Алтернатива, мнозинството беше 64 пратеници

Во салата беше присутна речиси целата пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ, но тие не се изјаснија никако, не гласаа


Фото: Б. Грданоски

 

Во првиот знак вистински колкаво може да биде мнозинството во парламентот со приклучувањето на Алијансата за Албанците денеска владината коалиција изброја 64 пратеници.

По завршувањето на дебатата за разрешување на тројцата министри од Алетернатива ноќеска во 1,30 часот пред малку тие и официјално веќе не се дел од Владата. За разрешување на министерот за здравство Беким Сали гласаа 65 пратеници, за разрешување на министерот за информатичко општество Амдирим Алити 64 пратеници, а еден беше против. Ист таков размер имаше и за Џемаил Чупи, министер без ресор. Против разрешувањето на последните двајца гласаше пратеникот Скендер Реџепи, донеодамна дел од групата на Алтернатива.

Во салата беше присутна речиси целата пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ, но тие не се изјаснија никако, не гласаа. Во пленарната сала беа присутни 105 пратеници.

Разрешувањето не го поддржа пратениците од „огнената група“ во ДУИ. Во Собранието има тројца „огнени“ пратеници: Изет Меџити, Мерита Колчи-Коџаџику и Кастриот Реџепи. Покрај разрешувањето, тие најавија дека нема да го поддржат ниту изборот на нови министри.

Втора точка на дневнот ред е изборот на нови министри. ВМРО-ДПМНЕ бара за тие четворица министри да се расправа поединичено, а не во пакет како што обично се прави. Расправата е општа, но за именувањето на министрите се гласа поединечно. 

Претседателот на Собранието потоа ја прекина седницата, закажувајќи го нејзиното продолжение за 20 часот, за да може да почне новата седница посветена на пратенички прашања.