Соборот на СПЦ денеска се пресели кај претседателот Вучиќ

„Се враќаат браќата од Македонија во единство со нас, што значи единство со сите други православни цркви. Ние тоа го гледаме како чудо“, рече патријархот Порфириј


 

Соборот на Српската православна црква денеска накратко се пресели во претседателството на Србија. Домаќин им беше претседателот Александар Вучиќ кој првпат прогнозираше пред архиереите.

„Дали сериозни и градобијни облаци се надвиснуваат над нашата земја? Да. Летото брзо ќе помине, а тогаш ќе го имаме можеби најтешкото време од 1944 година. Дали секогаш ќе има доволно струја, дали ќе има доволно нафта и гас? Тешко. Јас не ни сонував дека ќе биде можно да го видам ова и да го искусам. Дипломатија повеќе не постои во ништо. Туку само кој побрутално ќе ја пренесе пораката“, рече претседателот на Србија.

По пораките, дојде време за молби.

„Не само да нѐ охрабрите, туку и да нѐ научите како и на кој начин да се носиме со ваквите искушенија“, додаде Вучиќ.

Патријархот на барањата на претседателот одговори со пофални зборови.

„Ви благодарам што направивте сѐ за оваа криза низ која минува цел свет да биде што поблага за граѓаните на Србија. Ви благодарам, мислам дека огромното мнозинство од нашите браќа го делат тоа мислење и вие го покажувате одговорно однесување во оваа ситуација“, рече патријархот Порфириј.

Повеќето архиереи се одзваа на поканата на претседателот. Црковните теми не беа доминантни во обраќањето до медиумите, а српскиот патријарх на крајот само ја спомена одлуката на Соборот на СПЦ, која аналитичарите претходните денови ја нарекуваа историска.

„Се враќаат браќата од Македонија во единство со нас, што значи единство со сите други православни цркви. Ние тоа го гледаме како чудо“, рече патријархот.

Чудото ќе се „официјализира“ ден по посетата на претседателот. Архиереите на СПЦ ќе служат литургија во црквата Свети Сава со архиереите на МПЦ, со што, како што беше најавено, „ќе се воспостави литургиско и канонско заедништво на двете сестрински цркви“. (Н1)