Со такви имиња на бугарските клубови односите само се влошуваат, смета Весела Чернева

Во уште едно појавување во бугарската јавност за смирување на тензијата во односите со Македонија познатата Весела Чернева, заменик-директор на Европскиот совет за надворешна политика, нагласи дека со имиња на бугарските клубови кои ја провоцираат македонската страна не може да се градат добри односи. „Според мене, именувањата на овие два клуба се така направени за да ја провоцираат другата страна“.
Во интервјуто за телевизијата бТВ таа вели дека е интересно што никој не сака да го признае авторството на имињата на клубовите. Но ако иницијаторите за клубовите сакаат со нив да ги затоплуваат односите меѓу две држави тие не можат да го прават така, бидејќи со имињата само ќе ги влошуваат.
Објаснувајќи дека тоа е многу чувствително за Македонија, Чернева вели дека тоа особено се однесува за периодот на Втората светска војна. „Во тој период таму имало окупациски војски. Таму биле бугарските војски. На историски план секој има своја чувствителност, а дипломатијата е таа која што треба да гради мостови и да ги проширува можностите за соработка“, нагласува таа.
На прашањето на водителот дали бугарските клубови треба да ги променат имињата, Чернева не одговори директно, но нејзиното објаснување беше дека такво нешто е речиси неопходно.
„Бугарските клубови, а и сите останати клубови, ако сакаат да учествуваат во јавниот живот треба да се усогласат со тамошното законодавство. Исто како што ние сакаме клубовите што се отвораат овде да бидат во согласност со бугарското законодавство“, рече таа.
Таа вели Европската унија не може да биде контролор на односите, бидејќи Македонија уште не почнала да преговара по поглавјата, а за да се стигне до таму треба да се направи промена во македонскиот устав. Чернева нагласува дека до влошувањето на односите дојде од есента, наместо да се проширува соработката по кревањето на ветото. „Секое влошување на меѓусебните односи не само што го прави невозможно внесувањето на Бугарите во уставот, туку игра во интерес на руските цели на Балканот“, оценува Весела Чернева, која беше и советничка за надворешнио работи на поранешниот премиер Кирил Петков.