Со премиера на „Риголето“ почнуваат 53. „Мајски оперски вечери“

Со палење на фестивалскиот оган и изведба на операта „Риголето“ од Џузепе Верди, вечер во 20 часот, во Националната опера и балет (НОБ) ќе бидат отворени 53. „Мајски оперски вечери“, еден од најзначајните културни настани во земјава што ќе трае до 31 мај.
– Стремејќи се секогаш кон тоа, вам, нашата верна публика, да ви понудиме интересни и ексклузивни настани, и оваа година подготвивме програма што, верувам, ќе ги задоволи и највисоките уметнички критериуми. „Мајските оперски вечери“ 2025 година ветуваат богато уметничко доживување, обединувајќи ги традицијата и иновацијата, домашното и меѓународното творештво, вели во официјалното обраќање до јавноста директорот на Националната опера и балет (НОБ), Оливер Арсовски.
Фестивалот започнува со едно од најдраматичните оперски дела, „Риголето“ од Верди, кое преку силна музичка и сценска интерпретација ги комбинира темите како љубов, моќ и одмазда. Диригент е Џанлука Мартиненги, режисер Пјер Франческо Маестрини (двајцата од Италија), сценограф – Гилермо Нова од Шпанија, костимограф Кристина Ачети, исто така од Италија, а кореографијата е на нашата Саша Евтимова. Хор-мајстори се Јасмина Ѓорѓеска и Ѓурѓица Дашиќ. Со хорот и оркестарот на Национална опера и балет настапуваат солистите Леон Ким како Риголето, Марио Баг како Војводата од Мантова (двајцата од Јужна Кореја), потоа нашите Aна Дурловски како Гилда и Игор Дурловски како Спарафучиле, а во другите улоги: Николина Јаневска, Владимир Саздовски, Драган Ампов, Јане Дунимаглоски, Александра Лазаровска-Василевски, Диме Петров, Марика Поповиќ и Десанка Глигоријевиќ.
На 15 мај, публиката во НОБ ќе може да ужива во безвременската убавина на балетот „Лебедово езеро“ од Петар Илич Чајковски, дело што, преку грациозноста на движењата и мајсторската музика, ја раскажува приказната за љубовта и судбината. Диригент е Едуард Амбарцумјан од Ерменија, а кореограф Виктор Јаременко од Украина.
На 19 мај, пак, публиката на „Мајските оперски вечери“ ќе има можност да ја проследи монументалната опера на Верди, „Набуко“, позната по хорот „Va, pensiero“ – химна на слободата и силата на духот. Диригент е Мирон Михаилидис од Грција, режисер е Ренато Бонајуто од Италија, а во улогата на Набуко настапува Луис Кансино од Шпанија.
Пучиниевата „Мадам Батерфлај“ ќе биде изведена на 23 мај, прикажувајќи ја судбината на младата гејша преку незаборавни мелодии и длабоки емоции. Диригент е Марко Боеми од Италија, режисер Александар Текелиев од Бугарија, а како солисти настапуваат Mарија Јелиќ од Србија, нашиот Ѓорѓи Цуцковски и Луис Кансино од Шпанија.
Операта „Турандот“ на Џакомо Пучини, со славната арија „Nessun dorma“, е закажана за 27 мај, носејќи приказна за љубовта, гордоста и искупувањето. Диригент е Џанлука Мартиненги од Италија, а режијата, сценографијата и костимографијата се на неговиот сонародник Џанкарло дел Монако. Кореографка е Саша Евтимова. Во насловната улога настапува Вероника Џиоева од Русија, а во другите Жао Гуо од Кина и нашите Биљана Јосифов и Владимир Саздовски.
Националната опера и балет свечено ќе ги затвори „Мајските оперски вечери“ на 31 мај, со изведбата на операта на Верди „Аида“, еп за љубовта, жртвата и вечните вредности. Диригент е Џана Фрата од Италија, а како солисти настапуваат Дарија Мазиеро во улогата на Aида, исто така од Италија, Џејмс Ли од Јужна Кореја, Ненси Фабиола Херера од Шпанија и нашиот Игор Дурловски.
Сите претстави започнуваат во 20 часот.
Директорот на НОБ Оливер Арсовски ги повикува сите љубители на операта да бидат дел од величествената прослава на уметноста.
– Да уживаме заедно во музиката, танцот и вистинските емоции кои Мајските оперски вечери ги носат повеќе од половина век. Со нетрпение очекувам да се сретнеме, порачува Арсовски во пресрет на отворањето на фестивалот.