Со парите од ќеси, ќе се едуцира народот за правилно постапување со отпад
![](https://nezavisen.mk/wp-content/uploads/2022/01/Luge-vo-park-na-sonce-po-Nova-Godina-otpadoci-nedovolno-mesto-1-bg_resize.jpg)
Министерството за животна средина и просторно планирање информира дека во текот на февруари ќе се одржат осум јавни презентации на националната кампањата „Позитивна промена“ која има за цел подигање на јавната свест и едукација за правилно постапување со отпадот.
Презентациите ќе се одржат во по една општина од секој плански регион во државата и тоа во општините: Чаир, Куманово. Тетово, Битола, Струга, Струмица, Кавадарци и Штип.
„Позитивна промена“, утре ќе стартува во општина Чаир, со презентација пред претставниците на општините од Скопскиот плански регион, на кои ќе се споделат промотивните и едукативните материјали за важноста, ефектите и придобивките од добар и одржлив систем за управување со отпад кој исто така бара и зајакнување на капацитетите на единиците на локалната самоуправа во овој сегмент.
Министерството истакнува дека одговорноста за правилното управување со отпад припаѓа на сите засегнати страни: Владата, општините, правните лица кои управуваат со отпадот, граѓаните, приватниот сектор и само со одговорно однесување на сите страни може да се надмине овој децениски проблем.
Секако, за успешно се функционирање на новиот систем не е доволно само да се воспостави инфреструктура и да се обезбедат садови за селекција, туку мора и да им се помогне на луѓето да ја разберат својата одговорност за отпадот и да создадат навики за подобра контрола врз управувањето со отпадот.
Кампањата е финасирана преку Годишната програма за финансирање на управувањето со посебни текови на отпад. Средствата со кои се финасира оваа кампања се одвоени од надоместокот кој се уплаќа од страна на трговците за граѓаните кои купуваат пластични ќеси, во вкупна висина од 13.450.000 денари.
Покрај подготовката на промотивни материјали, ТВ спотови, емисии и сл. во рамките на кампањата ќе се реалзираат и настани во осум училишта во земјата и по еден настан во секој од планските региони.