Со пари од ЕУ ќе се поттикнуваат туристичките екобизниси во Струга


Ќе се поддржуваат туристичките екобизниси во Струга и Поградец. Целта е подобрување на туристичката инфтраструктура преку вложување во зелени бизниси за заштита на животната средина. Поголема промоција на природното и културното наследство, историските знаеменитости, како и привлекување на што повеќе туристи, пренесува Охриднет.

Субвенции за поставување соларни панели и подобра енегретска ефикасност ќе добијат 40 компании од туристичкиот сектор во двете погранични општини.

„Да ги слушнеме еко бизнисите и нивните потреби кои што ги имаат. Како проект следна активност ни е инсталација на 40 соларни панели, по дваесет во секоја општина, во Струга и Поградец“, вели Кристина Најдовска Илиевска проект менаџер.

Интересот кај стопанствениците е голем, особено во време кога поголемиот дел од хотелско-угостителските компании се соочуваат со предизвиците од енергетската криза.

„Интересот беше изненадувачки голем. Велам изненадувачки затоа што не сме имале многу интерес за други проекти, но за ова мислам дека има бидејќи поскапувањето на струјата е многу големо и со средствата што ги имаме колку што можеме ќе им олесниме“, изјави Албрим Положани од секторот за туризам Струга.

„Бизнисот да биде еко или да има потенцијал да биде еко, да биде мал бизнис, од областа на туризмот, односно туристички провајдери и агенции, хотели, угостителски објекти“, појаснува Илиевска.

Проектот „Струга и Поградец за промоција на туризмот и културното наследство-COOLTOUR“, започна да се реализира во јануари лани, а ќе трае до крајот на идната година. Финансиран е од Европска Унија преку програмата на ИПА II за прекугранична соработка.