Со нова апликација ќе се следи здравствената состојба на пациентите, најави Алиу

Министерот за здравство, Азир Алиу, обелодени воведување на иновативно софтверско решение, кое има за цел да ја поедностави комуникацијата и преминот на пациентите низ здравствениот систем.
“Апликацијата ќе овозможи пациентот во секое време да внесе здравствени индикатори, врз основа на кои матичниот лекар или специјалист ќе може веднаш да реагира – со менување на терапијата или давање препораки за натамошно лекување.”
Алиу, за време на своето денешно гостување во емисијата „Стадион“ на Канал 77, нагласи дека “aко системот детектира вредности надвор од нормалата, автоматски ќе алармира.”
Тој исто така додаде дека апликацијата е дел од целокупната стратегија за дигитализација и подобрување на здравствениот систем. Исто така, се осврна и на усогласување на 12 закони заради поголема отвореност и продуктивност.
Понатаму, министерот ја објави и дистрибуцијата на онколошките услуги надвор од Скопје, овозможувајќи лекување на онколошки пациенти да биде достапно и во болниците во Штип, Тетово, Битола и ГОБ „8 Септември“.
“Во завршна фаза сме со протоколите.” – изјави Алиу, додавајќи: “Почетно, лекувањето ќе биде асистирано преку телемедицина од Скопје, но наскоро очекуваме во овие центри да се воспостават и ЦТ симулатори, со што пациентите ќе добијат квалитетна услуга поблиску до своите домови.”