Со лабораторијата АМБИКОН се следи квалитетот на воздухот


Премиерот Димитар Ковачевски заедно со министерот за образование и наука, Јетон Шаќири денеска го посети Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, каде беше во обиколка на оваа високообразовна институција.

Премиерот ги посети двете лаборатории на универзитетот, како и реконструираниот амфитеатар во рамките на објектот, а беше во посета и на спомен собата на Гоце Делчев, во Ректоратот на Универзитетот.

Една од лабораториите наречена АМБИКОН, која функционира две децении, преку проект поддржан од Министерството за образование и наука се модернизира со нова напредна опрема за земање на примероци од аеросоли во амбиентен воздух и издувни гасови, како и нивна детална анализа со нова генерација на електронски микроскоп со ултра висока резолуција.

„Лабораторијата (АМБИКОН) располага со опрема која е наменета за контрола на квалитативните и квантитативните параметри на амбиенталниот воздух во реални услови и реално време, како и на утврдување на нивото на персонална експозиција на одделни штетности. Со новата опрема, лабораторијата АМБИКОН се осовременува и надополнува, а со тоа и се зголемуваат нејзините можности и опсегот на мерењата за кои е специјализирана, што е уште една предност, покрај тоа што ќе нуди збогатување на знаењата на студентите и општата јавност“, рече Ковачевски.

„Тоа од една страна претставува задоволство да се одобрат инвестиции во истата“, кажа и ректорот Дејан Мираковски. Владата одобри 300.000 евра, остатокот од 100.000 евра беше за вложување од УГД – Штип.

Оваа лабораторија има можности и за надоградување, веќе разговаравме и со ректорот и со професор Боев во однос на можностите за финансирање или идно надоградување во иднина ќе направиме се за нејзината опременост да се зголеми и со тоа да се прошири опсегот на квантитативните и квалитативните истражувања кои може да ги прави во други области кои исто така ќе ја зголемат можноста, но и престижот и на лабораторијата и на факултетот и на целиот универзитет и на нашата држава.

Од вкупниот буџет за научно-истражувачка дејност за 2023 година, најголем дел се предвидени за национални научно-истражувачки проекти, потоа се планира поддршка на научни трудови, организирање научни собири, учество на домашни истражувачи на меѓународни научни собири во странство, студиски престои во странство и престој на странски научни истражувачки тимови во Република Северна Македонија, како и надоместок за средства за објавени научни трудови во списание со импакт фактор.