Со колку пратеници ќе остане Таравари ако ја смени страната?


Откако станува се поизвесно дека премиерот Христијан Мицкоски ќе му рече збогум на лидерот на Алијансата за Албанците, Арбен Таравари,околу учеството во владината коалиција, почна битката за преземање на петте пратеници на оваа партија. Вреди му ја покажа вратата на Таравари, но пратениците на АА ги повика јавно да останат како дел од коалицијата.Неформалниот координатор на пратеничката група на Вреди, Беким Ќоку, веќе изјави дека и натаму соработуваат со петте пратеници на АА.

– Нашиот политички субјект сега има деветмина пратеници, но нормално дека се добредојдени и други пратеници. Ние продолжуваме да имаме добри односи со пратениците на АА, бидејќи бевме заедно, дел од една група, сме воделе заедничка битка во Парламентот, а и претходно. Пратениците што се на мислење да се продолжи со борбата против корупцијата, криминалот и црните листи, се добредојдени да ја продолжат битката против оваа криминогена структура – рече Ќоку.

Дилема е и дали вицепремиерот Арбен Фетаи, кој е преговарач со Вреди, ќе остане со Таравари, зашто и по превирањата тој останува жесток критичар на ДУИ и на секаква соработка со партијата на Ахмети.

– Верувам дека Алијанса за Албанците ќе остане верна на својот пат – патот на Арбен, на достоинство и храброст. И верувам дека, со заедничка волја, можеме да ја најдеме формулата за ослободување на секоја албанска општина од лошото владеење на ДУИ – порача на Фејсбук Фетаи.

Од друга страна, ДУИ работи на проширување на Европскиот фронт токму со АА на Таравари.Намерата е двете крила на АА да бидат дел од Фронтот.Генералниот секретар на АА од крилото на Таравари, Блерант Рамадани, на ТВ 21 изјави дека се подготвени да се обединат со крилото на Села во секој момент. Рамадани додаде дека ова треба да се базира на волјата на активистите, кои, како што рече, „доколку барањето доаѓа од долу, верувам дека повисоките власти имаат обврска да го спроведат“.

Можноста за коалиција со ДУИ и со АА на Арбен Таравари не ја исклучи ни лидерот на СДСМ, Венко Филипче кој најави дека ќе разговара со сите политички партии, но ќе бара коалиционите партнери да се целосно согласни околу програмите што ќе ги ветат на граѓаните, за да не им го оштетат имиџот како што се случи во претходната влада со ДУИ.Филипче порача дека само прашање на време е кога оваа колаициона влада ќе се распадне.

Настаните во владината коалиција будно ги следат и дипломатите кои, како и поголем дел од јавноста, мислат дека со овие политички случувања намерно или не се отвора врата за враќањето на ДУИ во власта.Според впечатокот од изјавите, таа вест не ги радува воопшто.