Со итна постапка ќе се гласа за задолжителна стерилизација, гробишта за миленици и полиција за животни


Сопствениците на кучиња и мачки ќе бидат должни да ги стерилизираат своите миленици, освен во случај ако се регистрирани како одгледувачи или одгледувачници. Регистрираните одгледувачи и одгледувачници ќе бидат должни да го пријават потомството од своите животни во овластена ветеринарна амбуланта најдоцна 30 дена по раѓањето и да ги регистрираат животните според Законот за идентификација и регистрација на животните. Забрането ќе биде да се подарува или да се продава нерегистриран миленик.

Ова се само дел од одредбите на предлог на Законот за изменување и дополнување на Законот за заштита и благосостојба на животните, кој е предложен да се носи по скратена постапка, а денеска е ставен на прво читање во Собранието.

Законот подолг период го изготвуваа здруженија за заштита на животни во соработка со пратеници, а истиот има за цел да се стави под контрола прекубројноста на бездомните кучиња и мачки, но и неодговорното сопствеништво – причината поради која низ речиси сите градови можат да се видат стотици напуштени миленици.

Со овој предлог закон, за првпат би се вовеле и гробишта за миленици.

„Општините, општините на Градот Скопје и Градот Скопје, за изградба и одржување на гробиштата, засноваат право на долготраен закуп на градежното земјиште во сопственост на Република Северна Македонија, за што склучуваат договор со државата, односно со органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на градежното земјиште“, се вели во новите законски одредби и се додава дека општините, општините во Скопје и Град Скопје со урбанистички план ќе го определуваат градежното земјиште наменето за гробишта.

Со предложените законски одредби, ќе биде забрането чување на домашен миленик постојано врзано на ланец или во затворен дел од ограден простор, без да се овозможи слободно движење надвор од тој простор.

Забрането би било и напуштање на домашно животно, домашно милениче или припитомени диви животни и други животни кој човекот ги имал под контрола и надзор. Забрана би имало и за присуство на домашен миленик на јавен простор без присуство на сопственикот. Секој кој ќе повреди или ќе го доведе животно во неволја, според новиот предлог закон, ќе биде должен да му пружи потребна помош сам, а доколку тоа не може да го стори сам, ќе треба да обезбеди помош од стручно лице.

Со предлог законот, општинските комунални служби ќе бидат овластени да имаат пристап до податоците во информацискиот систем на Агенцијата за храна и ветеринарство, да санкционираат сопственик кој кучето не го држи на поводник, да извршат проверка дали домашниот миленик е микрочипиран, да санкционираат сопственик на кој миленикот му престојува на јавен простор без негово присуство и да изврши проверка дали сопственик кој има репродуктивно способен миленик има регистрирано одгледувачница. Тие би биле овластени да поднесат пријава до официјален ветеринар за констатирани неправилности по однос на одредбите на законот и да поднесат кривична пријава.

Единиците на локалната самоуправа, според предлогот, би биле должни во рок од 30 дена од денот доколку се изгласа законот, да склучат договор со регистрирано прифатилиште. Единиците на локалната самоуправа би спроведувале надзор над задолжителното микрочипирање на милениците најдоцна до 30 јуни 2024 година. Во рок од една година, доколку се изгласа предлог законот, во рамките на МВР би се формирала т.н. „полиција за животни“.

Недостатокот на соодветни законски механизми за одговорното сопствеништво и репродукцијата на домашните миленици, продажната дејност – трговијата, подарувањето на животни, како и казнени механизми за неодговорното сопствеништво (размножување, напуштање), се изворот и клучниот причинител за нови единки на улица. Политиката на убивање сама по себе создаде големи финансиски последици на централните и локалните власти, кои потрошија огромни средства од нивните буџети, а не се постигна крајната цел, притоа животните беа изложени на суровост, а причинителите поминаа несанкционирано, пишува во образложението на предлог законот.

За секое непочитување на законот, предвидени се парични казни, односно глоби, во зависност од тоа дали станува збор за физичко или за правно лице.

Дополнително, како што стои во предлог законот, со предложените измени се регулира и надоместот на штета настаната кај граѓани поради напади и каснувања од кучиња скитници, како и постапката на вонсудско спогодување помеѓу оштетените и Град Скопје, како зголемување на глобите, кои ќе се пресметуваат по животно и ќе бидат со најмалку два пати поголема вредност од просечната продажна цена на домашен миленик.

„Причината зошто како пратеничка и координаторка на Интерпартиска парламентарна група за животна средина ја прифатив оваа иницијатива е секојдневното сведочење на сè поголем број животни на улица, малтретирани, убивани, а од друга страна и сè почестиот број на граѓани нападнати по улиците, енормни суми од буџетите на општините и градот Скопје исплаќани на име надомест на штета од каснување. Во ваква состојба не може да ги обвиниме ниту животните, ниту луѓето но треба да преземеме системски проблем за решавање на прашањето“, објаснува за Мета.мк пратеничката Моника Зајкова, претседателка на ЛДП и една од предлагачите на законот.Таа вели дека направиле низа консултации во Собранието каде се нотирале низа проблеми, меѓу кои и фактот дека има лажирани каснувања од животно со цел да се дојде до оштета, по што потоа работната група составена од активисти го доставила конечниот текст.

Оттука, имаме Предлог-закон кој го регулира одговорното сопствеништво, го подигнува износот на парична казна за напиштање миленик, одговорно размножување, системот ‘залови-стерилизирај-врати’. Истиот воедно и содржи низа обврски за Агенцијата за храна и ветеринарство како надлежна институција која дефинитивно треба да ги засука ракавите. Воедно, предвидени се низа акти меѓу кои и Правилник за кучињата со родовник. Ова не е единствен закон, но следствено по неговото донесување нè чека уште работа во делот на усогласување и на низа други закони кои треба да придонесат за благосостојба на животните, вели Зајкова и додава дека ова би било само еден позитивен почеток кон креирање систем во кој би немало повеќе бездомни животни, а граѓаните би биле безбедни. Им благодарам на сите граѓански активисти и здруженија кои учествуваа во процесот. Ова не е закон на ниту една политичка партија, но закон на граѓанскиот сектор, додава таа.

Од здружението „Анима Мунди“ апелираат до пратениците да ги подржат законските измени како клучни кон долготрајно решавање на деценискиот проблем со кој се соочува општеството. Од здружението велат дека со години земјата нема соодветна законска регулатива со која прецизно се дефинира одговорното сопствеништво и репродукцијата на животните миленици, продажната дејност – трговијата, подарувањето на животни, а суровоста врз животните поминува несанкционирано.

Непостоење на усогласена законска рамка која ќе ги третира и опфати сите горенаведени ризици и предизвици придонесува да проблемот се провлекува со децени и имплицира сериозни финансиски загуби. Доколку целиме да го третираме овој проблем, со намера да постигнеме трајни и одржливи резултати за граѓаните и животните, од клучно значење е спроведување на структуиран и комплексен систем кој опфаќа услуги од законодавен, образовен, правен и здравствен аспект, примена на унифицирана национална програма во сите ЕЛС во државата и третирање на сите точки на ризик, велат од „Анима Мунди“.

Со новиот предлог закон, дополнително, се забранува трчање на животни врзани за моторно возило во движење, давање на живи животни како награди на игри на среќа, користење на технички средства, помошни средства или направи со кој во облик на казна се влијае на однесувањето на животните, вклучувајќи и бодликави околувратници или средства за дресура кои вклучуваат употреба на електрична струја или хемиски средства, како и забрана за еутаназија на здрави бездомни животни, животни кои се излечиво болни и животни за кои постои интерес да бидат вдомени.