Со хајки, пукање и мирис на барут мечките 22 дена не се симнале во селата во Маврово

Жителите на Жировница и другите рекански села здивнаа., Мечките не се симнуваат во селата и откако почнаа да почесто да се чистат контејнерите и да се собира ѓубрето


 

Од три пункта, на патиштата по кои најчесто се симнувале мечките во селата на Маврово, се пука, а тие исплашени од силните звуци, но најмногу од мирисиот на барут веќе 22 дена не се симнале по дворовите на селаните. 

Ова го тврди претставникот на Националниот парк „Маврово“ Томе Ѓорѓевски. Тој вели дека ова е проблем на регионално ниво.

„До сега имаме спроведено осум акции заедно со локалното население и ренџерската служба, со поддршка и со знаење на МВР.  Имаме успех и 22 дена неприсуство на кафеавата мечка во населените места. Во акцијата се детектирани пристапните патишта на мечката кон населените места и се формираат помали групи со маневарска муниција, се заплашува мечката, се испукуваат поголема количина куршуми заради тоа што мечката треба да го почувствува и стравот од истрело , но поважно е да го почувствува мирисот на барут. Тоа е за неа одбивно“, вели Ѓорѓевски. 

 

Откако ги спровеле овие акции на три пункта една мечка се симнала во селото Жировница по нов пат, па следно планираат испукување и од таму.  Вакви акции се спроведуваат на 4-5 дена, а последната се случила вчера.

Директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов, рече дека планира од МВР да побара униформирани полијаци кои би учествувале во овие акции за тие да бидат поефикасни, но и да не се префрли проблемот од една општина во друга. 

 

„МВР одлучува од каков калибар би биле полицајците, но би пукале со маневарска муниција и да се избегне опасност од пожари би фрлале и шок-бомби, тоа се бомби кои не повредуваат, но даваат многу силен звук и воедно мирис на барут“, вели Ангелов. 

За една година треба да се изработи Акциски план, кој предвидува и интервентен тим за справување со мечките. 

„Во акцискиот план треба да има креирање на интервентен тим којшто ќе биде составен од луѓе, главно од различни институции, кои ќе имаат за цел да интервенираат во одредени инциденти поврзани со кафеавата мечка, меѓутоа и за благосостојба на самото животно, ако е фатено во стапица и треба да се ослободи“, вели Диме Меловски, раководител на програма од Македонското еколошко друштво. 

 

Тој потенцира дека треба многу повеќе да се направи за намалување на отпадот, за што се очекува да почне следната година управување со отпад, чистење на депонии, но и набавка на канти за отпадоци кои мечката не може да ги отвори. 

Претставникот на Општина Маврово – Ростуше, рече дека во последниот период секојднево се чисти ѓубрето, се празнат кантите и контејнерите, а се чисти и околу нив, што пак заедно со другите мерки, дало резултати и мечките не се симнуваат низ селата. 

Се надеваат и дека наскоро мечката ќе премине во зимски сон, но од искуство велат дека сѐ  потешко може да се предвиди кога би се случило тоа, пред сѐ заради климатските промени. 

„Имаме цело време поместување на годишните сезони, отприлика месец, месец и пол и не знаеме  кога точно ќе ги очекуваме првите снежни покривки. Снежната покривка е  една од главните причинители, затоа што температурата паѓа и една од причините за да почнат мечките да паѓаат во зимски сон“, вели Меловски, кој појасни дека лани хибернацијата им почнала дури во февруари. 

Во однос на можноста за отстрел сите се децидни дека тоа е непосакувана и последна мерка, но само доколку претставуваат опасност, односно се заканат по животот на луѓето.

„По однос на законот ние имавме како држава проблем, затоа што се работи за урбана средина каде што во ниту еден закон не е предвидено дека некое диво животно треба да се наоѓа во ваква животна средина“, рече Саша Јовановиќ од МЗШВ. Со новиот закон е предвидено доколку некое животно претставува опасност за животот на луѓето, министерот за земјоделство ќе издаде одобрение за застрел на тоа животно. Во однос на тоа граѓаните сами да се бранат и да застрелаат некое животно, тој вели дека право на секој е да се штити. 

Инаку, денеска, во ЦУК, директорот Стојанче Ангелов ја одржа првата поширока координативна средба за надминување на проблемот со прекубројниот број мечки, каде присуствуваа претставници од повеќе државни институции и невладини организации: Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство, Министерство за животна средина и просторно планирање, Министерство за внатрешни работи, Национален парк „Маврово“, Општина Маврово – Ростуше, Зоолошка градина, Анима мунди, потоа Македонско еколошко друштво и други институции.

Владата, пред извесно време, го задолжи директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов да ја организира координацијата на активностите на институциите во спроведување на мерките, да организира и спроведува контрола над нивната имплементација, да предлага нови мерки покрај донесените и препорачани од надлежните институции за создавање на услови за намалување на појавата на кафената мечка во урбана средина.

За надминување на опасностите од кафените мечки на територијата на државата, директорот на ЦУК Стојанче Ангелов, во повеќе наврати ја посети Општина Маврово – Ростуше. Притоа,  оствари средби со поединци и со населението коешто е засегнато од прекумерниот број мечки на таа територија. Заради секојдневното влегување на мечките во селата има зачестени напади на нивниот добиток и имот, па и влегување во куќите и „блиски средби“ со жителите на селата во општината. Мештаните посочија дека, иако со генерации живеат едни покрај други со мечките, во последниот период и особено оваа година, влегувањето на мечките во населбите е многу зачестена појава.

Покрај разговорите со мештаните каде што е присутен проблемот со прекумерниот број мечки, Ангелов остварува средби и со мештани од региони каде што нема кафени мечки и разговора и прибира информации за нивното мислење за евентуално преселување на одреден број кафени мечки од регионите каде што ги има во регионите каде што ги нема, а биле присутни порано, но тие воопшто не се расположени кај нив да се преселат мечки.