Со Гаранција за млади досега опфатени над 80 илјади, околу 40 проценти од нив добиле понуда за вработување


Пристапот во справување со невработеноста на младите лица на пазарот на труд покажа видно подобрување на состојбите со вработувањето на младите. Во 2021 година околу 94 илјади млади луѓе во државата не беа вработени, не беа вклучени во образование или обука што одговара на четвртина од вкупното младо население. Овој удел, иако сѐ уште голем, е во тренд на опаѓање во однос на 2016 година кога 136 илјади млади луѓе биле во категорија млади од ранлива категорија, односно процентот бил 31,3, посочи денеска министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска.

Министерката, на денешниот настан на кој се споделуваа искуствата, добрите практики и предизвиците во досегашното петгодишно спроведување на програмата Гаранција за млади, истакна дека согласно програмските определби, МТСП и Владата и во натамошниот период на дејствување како еден од главните приоритети ќе бидат фокусирани токму на ефикасната реализација на Гаранција за млади со цел помасовен и поквалитетен пристап на младите лица на пазарот на труд.

ако МТСП и како Влада уште во 2018 година започнавме со имплементација на Гаранција за млади како дел од европските носечки иницијативи.  Од воведувањето во 2018 година до денес над 80 илјади млади лица се вклучија во Гаранција за млади. Речиси 40 проценти од учесниците во Гаранција за млади добија понуда за вработување, континуирано образование и обука, беа вклучени во практиканство што се смета за еден позитивен исход.  Показателите за последователно следење покажуваат дека околу 40 проценти од оние што добиле понуда биле во позитивна ситуација 18 месеци по напуштањето на системот за обезбедување услуги од Гаранција за млади, односно се вработени или вклучени во некоја обука.  Еден од главните приоритети ни е токму намалување на младинската невработеност, односно зголемување на вработливоста кај младите, нагласи Тренчевска.

Евроамбасадорот Дејвид Гир во своето обраќање на настанот посочи дека Гаранцијата за млади се покажа како суштинска алатка за задоволување на потребите на младите луѓе, особено оние кои не се во образование, вработување или обука и оние кои се особено ранливи.

-Кога ги разгледуваме политиките за развој воопшто, едно од најважните прашања што мора да го решиме е дали правиме доволно за младите луѓе. Кога слушаме дека младите сакаат да ја напуштат земјата, не можеме, а да не прашаме дали им даваме доволно можности да добијат квалитетно образование за работа дома. Ова е валидно прашање овде во Западен Балкан, но и во земјите-членки на ЕУ. Младите луѓе природно бараат да играат посилна улога во обликувањето на општеството и во обликувањето на нашите економии, не утре туку денес, рече Гир.

Директорот на Агенцијата за вработување Беким Мурати, пак, додаде дека во државите од Западен Балкан ситуацијата со невработеност кај младите луѓе е неповолна, а државите се наоѓаат пред голем предизвик.

-Растот на нашите економии треба да се преточи во можности за работа, а унапредувањето на вработувањето на младите треба да биде наш врвен приоритет. Потребна ни е таргетирана реакција. Група млади се изложени на ризици од долгорочна невработеност и предвремено напуштање на образованието. Младите се во сржта на приоритетите на сите освремени држави тие се клучот за идната динамика и просперитет а нивните таленти вештини и крезстивност се од суштинско значење да се обезбеди раст и конкруентност насекаде во светот. Невработеноиста кај младите секогаш е на повисоко ниво споредено со другите возрасни групи а тоа значи губење човечки ресурси и таленти што нашите држави ни можат да си го дозволат, потенцира Мурати.

Настанот се одржува во рамки на поддршката што ја обезбедува Меѓународната организација на трудот (МОТ), преку Инструментот за техничка поддршка на ЕУ/МОТ за Гаранција за млади. На настанот беа презентирани и искуствата од неколку земји во ЕУ за начинот на функционирање на нивните системи за идентификација, вклучување и индивидуална поддршка на младите луѓе кои предвремено го напуштиле образованието, се исклучени од пазарот на труд или не се опфатени со програмите за обуки.