Со европски пари ќе се реконструираат стари куќи во штипско Ново Село


Општина Штип заедно со бугарската општина Гоце Делчев ќе работи на развој на туризмот. Преку меѓуграничен проект финансиран од фондовите на ЕУ во периодот кој следи предвидено е целосно уредување на штипско Ново Село, со што ќе се подобри и визуелниот изглед, но и туризмот во градот.

Градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов денеска изјави  куќите, кои општината ги доби како подарок од кардиохиругот Жан Митрев, а кои сега се наоѓаат во лоша состојба и се речиси пред распаѓање ќе бидат целосно реставрирани, а со ова придобивки ќе има за сите.

-Со овој проект ќе биде опфатена една куќа за сместувачки капацитет во Ново Село. Дополнително ќе бидат реставрирани неколку други куќи, со што визуелно ќе се подобри амбиентот во Ново Село. Сместувачкиот капациет во бањата Кежовица ќе биде реконструиран, а ќе има и целосно  уредување на изворот Л`џи, вели Јорданов.

Тој најави дека и општината во периодот кој следи ќе инвестира во повеќе активности со кои ќе се работи на развојот на туризмот во градот. Со ова ќе се заокружи реконструкцијата и реставрацијата на улици и објекти во штипско Ново Село, со што оваа стара населба ќе го задржи автентичниот излед.