Со доктрина, а не со програма, ВМРО-ДПМНЕ ќе се враќа на власт (галерија)


Сосема сигурно дека Христијан Мицкоски ќе добие уште еден мандат на чело на партијата (Фото. Б. Грданоски)

Со новата понуда ВМРО-ДПМНЕ, како што вели Александар Николоски, претставува и левичарски и десничарски и центристички постулати

 

Во очигледно многу оптимистичка атмосфера (па дури и во некој сегмент еуфорична) ВМРО-ДПМНЕ денеска го одржува конгресот на кој треба да биде реизбран досегашниот лидер Христијан Мицкоски, да му даде поддршка на сегашното раководство и да ги одреди правците за натамошното дејствување. Конгресот се одржува во спортската сала „Јане Сандански“ и тој по многу долго време е собир во Скопје (откако во минатото конгресите се одржуваа по други македонски градови) за на некој начин да ја означи и победата на локалните избори во главниот град. Но и, колку-толку, да има почитување на здравствените протоколи.

Нема никакви дилеми дека Мицкоски ќе добие уште еден четиригодишен мандат откако со успехот на локалните избори беа замолчени сите внатрешни критичари во партијата и сега ВМРО-ДПМНЕ да настапува како едно тело по неколкуте години мачни превирања. Тој е и единствен кандидат за претседател.

Како и на локалните избори така и на конгресот преовладува слоганот за новата иднина. Каква ќе биде новата иднина членството и граѓаните ќе можат да видат по овој неколкучасовен конгрес. Истакнатите вмровски првенци задоволно велат дека партијата во наредниот период ќе настапува со „нова доктрина“, што на одреден начин го доведува ВМРО-ДПМНЕ на лизгав терен. Во „златните времиња“ на Никола Груевски во партијата се подготвуваа и промовираа манифести, сега се зборува за доктрина.

Со Конгресот претседава потпретседателот на партијата, Александар Николоски (Фото: Б. Грданоски)
И Гордана Силјановска-Давкова е на конгресот (Фото: Б. Грданоски)

Истакнувањето на терминот „доктрина“ можеби звучи убаво за ушите на членството (а и за некои од гласачите), но тој во себе содржи нешто поинакво и потврдо од политичка програма на партија.

Најчесто, зборот доктрина сугерира религиозни принципи онака како што ги објавува црквата. Доктрината може да се однесува и на принципот на правото, во традициите на обичајното право, воспоставен низ историјата на минатите одлуки. Доктрината е и збир на мислења и начела во филозофијата, но може да биде дел и од правецот на дејствувањето на некоја политичка партија. Најважно е кога една доктрина ќе се се усвои сите на кои се однесува мора беспоговорно да ја почитуваат (црквата е извонреден пример).

Новите доктринарни начела (а не програмски) денеска на конгресот ги претстави еден од најискусните членови на партијата Марјан Ѓорчев. Забележливо е како Ѓорчев откако се врати од постот амбасадор во Бугарија стана пропулзивен член на партијата и по годините на „лутање“ откако ги загуби изборите против Груевски за наследник на Љупчо Георгиевски, потоа формираше земјоделска партија, па се врати во вмровскиот скут, сега е повторно дел од оние ешалони каде што беше на почетокот од 2000-те.

Конгресот се одржува во спортската сала „Јане Сандански“ во Скопје (Фото: Б. Грданоски)
Илија Димовски повторно во првите редови на партијата (Фото: Б. Грданоски)

Според неговите зборови, доктрината ја работел тим, во кој освен него биле генералниот секретар Ѓорѓија Сајковски, членовите на Извршниот комитет Рашела Мизрахи и Стефан Андоновски, и големиот повратник во првите редови на партијата – Илија Димовски.

Со конгресот, за да нема случајни изненадувања, претседава човекот од доверба на Мицкоски, потпретседателот на партијата, Александар Николоски, кој пред почетокот на собирот пред медиумите објасни дека „со доктрината се проширува опфатот на потенцијални поддржувачи на ВМРО-ДПМНЕ, па така партијата се движи  и кон центарот, бидејќи се опфаќаат и гласачи кои што се гледаат себеси во темите кои што ги покрива центарот. Во дел во економски теми се оди малку и кон лево, секако се задржуваат традиционалните теми на ВМРО-ДПМНЕ кои што се центар-десни и десни, пред сѐ националните теми“.

Значи од сѐ по нешто. И лево, и десно, и центар. Но тоа повеќе лични на еклектична програма отколку на доктрина. (Љ.П.)