Со 3,5 милиони евра ќе се довршува стариот театар во Струмица

Премиерот Христијан Мицкоски заедно со министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, во рамки на денешната посета на Струмица извршија увид на започнувањето на работите на доизградбата на стариот таетар, чија изградба беше закочена цели седум години.
Како што истакна Мицкоски, оттука испраќаат јасна порака дека после 19 октомври овде во Струмица ќе има нов градоначалник којшто доаѓа од редовите на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата, а ќе имале и мнозинство во Советот.
-Имаме прилично амбициозна агенда за денот потоа да сè направи проект повеќе, да се реализира проект повеќе, сето она што до сега беше ветувано, а нереализирано или заборавено да го реализираме. Како Влада продолжуваме да ги поддржуваме општините, се сеќавате Струмица во првиот повик од Министерството за локална самоуправа не поднесе тогаш проект, односно поднесе еден проект којшто не ги исполнуваше условите. Додека, пак, сега во вториот повик поднесе неколку проекти, улици генерално за асфалтирање и реконструкција и сите тие проекти беа одобрени од страна на Владата и ќе ги финансираме во периодот којшто следи. Како Влада сакаме да пратиме порака дека ние сме Влада на цела Македонија, на сите општини, подвлече претседателот на македонската влада и лидер на ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
Според министерот Зоран Љутков овој театар претставува симбол на културната меморија на градот Струмица и на целиот Југоисточен регион.
-Владата и Министерството за култура и туризам обезбедија 198 милиони денари (околу 3,5 милиони евра) за довршување на објектот. Веднаш по нашето доаѓање на власт во 2024 година, беше спроведена детална ревизија на проектот, беа анализирани сите досегашни фази на изградба и веќе е избран нов изведувач. Согласно динамиката на работа, проектот ќе биде целосно завршен до крајот на 2026 година, истакна Љутков.
Во рамките на денешната посета владината делегација ја посетија и црквата „Свети Кирил и Методиј“, каде интензивно се работи на проектот за реставрација и конзервација, вреден 15 милиони денари, каде работите на покривот и фасадата се во завршна фаза.
Денеска беше свечено отворена и Спомен куќата на народниот херој Благој Јанков-Мучето, каде заврши реконструкцијата на објектот и се обнови музејската поставка,а вредноста на овој проект изнесува 2,5 милиони денари.
– Благој Јанков-Мучето не е само херој од историјата. Тој е симбол на борбата за слободна, прогресивна и демократска Македонија. Тој беше дел од генерација која не ја чекаше слободата, туку се бореше за неа, со визија и со револуционерна енергија. Не смееме да дозволиме неговото дело да остане само дел од минатото. Тоа треба да биде жив пример за тоа како изгледа вистинскиот патриотизам, како изгледа љубовта кон народот и земјата. Тоа нека нѐ потсетува дека слободата не се добива, туку се заслужува, истакна министерот Љутков во обраќањето на овој настан.
Инаку,Министерството за култура и туризам издвои околу 4 милиони евра од својот буџет за културни проекти во општина Струмица, во кои покрај постојните во тек се и проектите за црквата во село Водоча и за Римската бања во село Банско.