Снежна Прочка во Скопје

Најхрабрите не се откажаа од спортските навики, па трчаа покрај Вардар на снегот. 


Цела зима главниот град едвај да виде снег. Малку на Водно и на Скопска Црна Гора и во далечините на Китка и Шара, но во градот, снегот само срамежливо се покажа.

Затоа пак, ноќва наврна доста снег, па скопјани побрзаа да прошетаат во парк, да му се израдуваат на снегот, а и да се надишат чист воздух.

Најхрабрите не се откажаа од спортските навики, па трчаа покрај Вардар на снегот. 

Службите за расчистување на улиците си ја завршија работата, па коловозите беа чисти, но им се забележува дека не се расчитени тротоарите и велосипедските патеки, иако некаде чистеа. 

Снегот, кој доцна ни стигна, очекувано е влажен и тежок, па на повеќе места има искршени гранки и паднати дрвја, неретко и врз паркираните автомобили.

Прогнозата вели дека во текот на денот ќе биде облачно и студено со врнежи од снег, а во централниот и долниот дел на Повардарието претежно од дожд. Пообилни врнежите се очекуваат во претпладневните часови, па до пладне снежната покривка во голем дел од земјава ќе се зголемува. Максималната температура ќе достигне од 1 до 6 степени.

Во Скопје облачно со врнежи од снег, особено претпладне и максимална температура до 4 степени. 

Врнежите од попладнево во Скопје ќе преминуваат во дожд, па ако сакате да уживате во сенежната белина, побрзајте на прошетка, а вечерва уживајте во парзникот и простете.