Сметководителите ќе може да ги потпишат завршните сметки, уверува министерката Димитриеска Кочовска


„Нема потпис, нема мир“, „Смрди на профитот на консалтинг куќите“, „Фелата се буди“, „Дисциплинска за ИСОС“ и „Стоп за тиранијата со контролата на квалитет“ беа само дел од транспарентите на денешниот протест што го организираа сметководителите пред Министерството за финансии. Тие изнесоа повеќе барања, меѓу кои најитно изнаоѓање решение за оние што се времено избришани од регистарот да можат да ги потпишуваат годишните сметки за 2024-та, како и донесување законски измени со кои на Институтот на сметководители и овластени сметководители (ИСОС) ќе му се одземат или строго ограничат ингеренциите за контрола на квалитет.

Како што беше речено, моментно на околу 3 000 сметководители им е изречена дисциплинска мерка „времено бришење од регистарот“, односно им е одземено правото на потпис на годишните сметки зашто не посетувале доволен број часови обука кај консалтинг куќите. Непредавањето на годишните сметки за илјадници фирми, предупредија учесниците на протестот, го доведува стопанството во опасност, а ИСОС нема слух за проблемите што ќе настанат и не сака да најде решение. Според нив, сметководителите што го воделе сметководството за 2024 година би требало да имаат право да ја потпишуваат годишната сметка за 2024-та. Времената забрана поради непосета на обуки треба да важи само за пресметковната 2025 година, истакнаа учесниците на протестот. 

Додека беа читани барањата, неочекувано дојде министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочовска. Таа им порача на сметководителите дека треба да се најде фер решение и побара од нив писмено да и ги достават сите забелешки, но и да образложат зошто не го почитувале законот. Во однос на завршните сметки за 2024 година, ги увери дека ќе може да ги потпишуваат зашто Предлог-решението, како што информира, е веќе во собраниска процедура и треба да се донесе.

– Секој што имал одредени компании ќе поднесе завршна сметка. Можам да кажам дека заклучно со 28 февруари дел од завршните сметки ќе може да потпишувате, истото ќе биде и понатаму, за 15 март. На пратениците уште минатата недела им испратив Предлог-решение за тоа како сметководителите ќе ги потпишуваат завршните сметки за 2024 година. Законот се чека да биде усвоен зашто е веќе „закачен“ во Собранието и сметководителите ќе можат да потпишуваат завршни сметки за 2024 година, нагласи министерката.

За неа, како што напомена, е нелогично луѓе кои 12 месеци книжеле, да не можат да потпишат завршни сметки.  

– За останатото ќе треба да се разговара, да се види каде се пропустите во Законот. Се согласувам, вие сте единствената фела од која зависи комплетната евиденција на тоа што значи завршна сметка, ДДВ, персонален данок, а кои добиваат лиценца од друго место. Разбирам што значи 12 месеци да евидентирате документација за некого и на крај да ви кажат не може да ја потпишете. Но, исто така очекувам во дописот да дадете образложение зошто не сте посетувале обука или зошто некоја обврска која била во рамки на законот не се почитувала. Сте имале Закон што не се почитувал до 2024-та, потенцира Димитриеска Кочовска. 

На тоа сметководителите забележаа дека Законот бил, како што посочија, силеџиски донесен.

– Вие како пратеничка група тогаш бевте на наша страна, а сега имате и морална обврска да работите на ново законско решение кое ќе биде во интерес не само на нас, туку и на цела држава. Зошто некои од нас ги посетувале обуките? Прво, има отпор кон на сила донесениот порачан закон поради нечиј интерес и второ, има многу млади во фелата кои не потпишуваат годишни сметки, а имаат уверенија. Ако не најдеме законско решение, тие ќе ја напуштат и фелата и државата, ние имаме предлог и ќе ви го доставиме, рече Сашо Цветановски, претставник на професионалните сметководители со одземено право на работа. 

Тој претходно укажа дека на чело на Советот, кој треба да врши надзор над ИСОС и на најактивните комори на сметководители, седат лица блиски до интересите на консалтинг куќите на кои законот им овозможи да им вршат задолжителни обуки на сметководителите.

– Тоа значи дека консалтинг куќите имаат потполна контрола врз сметководствената фела од која остваруваат економски интерес. Ние сме окупирана фела, моментно на околу 3 000 сметководители им е одземено правото на потпис на годишните сметки зашто не посетувале доволно часови обука кај консалтинг куќите. Притоа, многу колеги се пожалија и дека забраната им е изречена со прекршување на дисциплинската постапка, дека не биле известени и не можеле да се изјаснат, изјави Цветановски.

Во фелата, додаде, има општо незадоволство од предимензионираниот број часови, од квалитетот и несоодветноста на обуките, а ИСОС е оставен без вистински надзор од државата и со преголеми овластувања за контрола.

Сметководителите бараат со законски измени да се намали предимензионираниот број на часови за професионална обука, колегите над 58 години возраст да бидат ослободени од таквата задолжителна обука, а за континуираното професионално усовршување кое се врши без физичко присуство цената на часот да биде пониска за одреден процент.

– За сметководителите кои не потпишуваат годишни сметки за да го задржат уверението обуките да бидат 32 часа за тригодишен период, законски да се уреди право на мирување на уверението посебно при болест, породилно отсуство, невработеност,…., со законско решение да се утврдат максималнатата цена на часот на континуирано професионално усовршување и максималниот износ на членарина и надоместоците на Институтот, да се иницира испитување на неприродното влијание на консалтинг куќите врз сметководствената фела и можниот судир на интереси и Министерството за финансии со резерва да ги прифаќа ставовите на коморите на сметководители на чие чело се лица блиски до консалтинг куќите, рече Цветановски.

Тој и порача на министерката за финансии дека треба да бидат партнери, зашто сметководителите работат во интерес на собирањето на јавните давачки.

– Законот за сметководители беше донесен во 2022 година со јасно дефинирани правила што треба да ги исполнувате. Имајќи предвид дека има проблеми и од едната и од другата страна за кои сме во тек и ги решаваме, јас веќе имав средби со дел од претставниците на сметководителите и кажав дека ќе најдам законско решение уште пред две недели. Но, постпаката е прилично сложена, бидејќи од ИСОС почнале да изрекуваат дисциплински постапки кои подразбираат законски реперкусии. Врз основа на тоа што го разговаравме, на пратениците уште минатата недела им испратив предлог решение како ќе ги потпишувате завршните сметки за 2024 година, рече Димитриоска Кочовска.

Потоа, таа и Цветановски заедно влегоа во Министерството за финансии каде, како што беше договорено, сметководителите треба да ги достават сите потребни документи.