Сметката за спас на светската економија е 7 билиони долари и се зголемува


Економистите се загрижени дека досега преземените херкулски напори нема да бидат доволни доколку кризата продолжи по јуни

САД, Европа, Јапонија, Кина и Индија ослободуваат илјади милијарди долари во државната потрошувачка и во нови емисии пари очајно обидувајќи се да спречат глобалната економија да потоне во депресија

 

Одговорот на пандемијата на корона вирусот е без преседан во однос на брзината и обемот. Заложбите од владите и централните банки до денес се близу 7 билиони долари, се вели во анализата на Си-Ен-Ен Бизнис. Во вкупниот износ се вклучени трошењата на владите, гаранции за заеми и даночни олеснувања, како и печатење пари од страна на централните банки за купување хартии од вредност, како што се обврзници и акции.

Овој износ ги опфаќа американскиот пакет за помош во висина од 2 билиони американски долари и предвидените 30 билиони јени (274 милијарди долари) стимул од Јапонија што се очекува да биде одобрен следниот месец. Во Европа, Си-Ен-Ен Бизнис ги зема во предвид пакетите за поддршка на стопанствата на најголемите економии: Германија, Франција, Велика Британија, Италија и Шпанија.

Комбинираните напори значајно ја надминаат реакцијата за време на финансиската криза во 2008 година, која во тоа време уриваше рекорди. Но, економистите се загрижени дека досега преземените херкулски напори нема да бидат доволни доколку кризата продолжи по јуни.

„Пакет стимуланси во износ од 2 билиони американски долари веројатно е голиот минимум потребен за да се неутрализираат последиците од епидемијата“, вели економистот на Банката на Америка, Џозеф Сонг. „На економијата веројатно ќе и бидат потребни речиси 3 билиони долари во вид на фискален стимул, ако не и повеќе“.

Последен пат кога глобалниот економски раст паѓаше на ваков начин во мирновременски услови беше во 1938 година, вели Четан Ахја, главен економист на Морган Стенли.

Водачите на Г20, кои ги претставуваат најголемите светски економии, во четвртокот изјавија дека се подготвени да сторат „што и да е потребно“ за да се минимизираат економските штети од пандемијата и да се врати глобалниот раст.

Последен пат кога глобалниот економски раст паѓаше на ваков начин во мирновременски услови беше во 1938 година

„Големината и обемот на овој одговор ќе ја кренат глобалната економија на нозе и ќе постават силна основа за зачувување на работните места и за обнова на растот“, соопштија лидерите во заедничката изјава по видео конференцијата. Тие велат дека нивните земји се обврзале на стимул вреден 5 билиони долари.

Сепак, огромното трошење може само да ја намали економската болка. Додека помошта за невработените и скратените чекови за граѓаните ќе ја обезбедат толку потребна помош, економијата не може да започне сериозно да закрепнува сè додека баровите и рестораните не почнат повторно да се отвораат, додека луѓето не почнат да се враќаат на работа и додека не продолжат патувањата. Дури и тогаш ќе биде потребно време, како што покажува примерот со Кина.

„Нема да биде можно веднаш да се вратиме на истото ниво на производство и активност“, вели Ахја, имајќи ги во предвид ефектите од наглиот скок на невработеноста и оштетените биланси на корпорациите.

Сепак, огромното трошење може само да ја намали економската болка

Еве ги најважните поенти од првите пакети помош на централните банки и на владите:

Соединети Американски Држави

Американските законодавци го донесоа пакетот вреден 2 билиони американски долари кој вклучува директни исплати на лица, надомест за невработеност и програма за заеми од 500 милијарди американски долари.

Конгресот веќе одобри повеќе од 112 милијарди американски долари за да ги прошири истражувањата за вакцините и да овозможи две недели платено боледување за оние кои се тестираат или се лекуваат од Ковид-19.

Федералните резерви пуштија вистинско цунами од стимулативни мерки во последните неколку дена. Ова вклучува првично купување 700 милијарди американски долари во државни обврзници и хипотекарни хартии од вредност, кои сега можат да вклучуваат корпоративни обврзници и фондови за тргување со обврзници. Централната банка исто така објави 300 милијарди долари во вид на ново финансирање за да го задржи кредитирањето на деловните активности и на потрошувачите.

Обединето Кралство

Владата на Велика Британија објави пакет од 330 милијарди фунти (397 милијарди долари) за гаранции за заеми и ги суспендираше локалните даноци за секторите малопродажба, угостителство и забава во наредните 12 месеци. Исто така, ќе покрие 80 отсто од платите на работниците најмалку во наредните три месеци, до максимум 2.500 фунти (2.900 американски долари) месечно. Не е јасно колку ќе чини таа мерка.

Покрај тоа, владата на Велика Британија во четвртокот вети дека на самовработените ќе им обезбеди грант од 80 отсто од просечната месечна добивка, до 2.500 фунти месечно, во текот на следниот квартал.

Банката на Англија соопшти дека ќе ги зголеми откупот на државни и корпоративни обврзници во Велика Британија за 200 милијарди фунти (242 милијарди долари).

ЕЦБ соопшти дека ќе потроши 750 милијарди евра за купување на државен долг и приватни хартии од вредност пред крајот на 2020 година и е подготвена да стори повеќе доколку е потребно

Европска Унија

Германија објави пакет за спасување вреден 750 милијарди евра (825 милијарди американски долари) што вклучува мерки за поттикнување на заеми за деловни активности и директни удели во компаниите.

Франција одобри 45 милијарди евра (50 милијарди американски долари) како помош за малите бизниси и за работниците што ги изгубиле работните места. Пакетот вклучува и гаранции од 300 милијарди евра (330 милијарди американски долари) за корпоративно задолжување.

Италија со 25 милијарди евра (27,5 милијарди американски долари) ќе им помогне на работниците и ќе го поддржи здравствениот систем на земјата, додека Шпанија најави 200 милијарди евра.

Европската централна банка соопшти дека ќе потроши 750 милијарди евра (824 милијарди американски долари) за купување на државен долг и приватни хартии од вредност пред крајот на 2020 година и е подготвена да стори повеќе доколку е потребно. Тоа се над 120 милијарди евра (133 милијарди американски долари) за дополнителни купувања во однос на претходно објавеното.

Кина до сега објави најмалку 16,4 милијарди долари финансиска помош и стимули, плус 112,5 милијарди долари од намалени даноци и такси

Кина

Кина до сега објави најмалку 116,9 милијарди јуани (16,4 милијарди американски долари) во вид на финансиска помош и стимули, плус 800 милијарди јуани (112,5 милијарди долари) од намалени даноци и такси. Но, доколку е потребно, земјата може да потроши илјадници милијарди долари и значајно да го зголеми долгот за да ја поттикне својата економија.

Народната банка на Кина донесе повеќе мерки за олеснување на кредитите, издвојувајќи најмалку 1,15 трилиони јуани (162 милијарди американски долари) за да им помогне на бизнисите погодени од вирусот.

Јапонија

Јапонската влада се очекува да разгледа економски пакет за стимули во наредните недели, што веројатно ќе вклучува поддршка во готовина, како и мерки со кои ќе им помогне на малите и на средните компании да добијат пристап до заеми. Пакетот би можел да изнесува вкупно 30 билиони јени (274,2 милијарди долари).

Банката на Јапонија соопшти дека ќе ги зголеми интервенциите на пазарот за околу 6 билиони јени (55 милијарди долари), како и за уште 90 милијарди јени (822 милиони американски долари) на пазарот на недвижности. Исто така, го зголеми лимитот за купување комерцијални и корпоративни обврзници за 2 трилиони јени (18 милијарди долари).

Индија

Индиската влада објави пакет за помош вреден 22,6 милијарди американски долари, само 36 часа откако во земјата беа воведени ограничување на движењето. Пакетот вклучува здравствено осигурување и помош во храна, како и субвенции и помош за работниците. (Си-Ен-Ен Бизнис)