Сметката на Град Скопје не е блокирана, иако има ненаплатени долгови


Сметката на градот Скопје не е блокирана, ниту пак во овој момент е загрозено материјално-финансиското работење на администрацијата, ги демантираат од градот денеска, написите кои се појавија во некои медиуми дека не може да се исплатат ниту плати за вработените, поради долгови кои доспеале за наплата.

„За жал, точно е дека градот Скопје има неплатени обврски кон приватни субјекти, а во случајов се работи за долг кој го направил екс-градоначалникот Коце Трајановски, а потоа не успеал да го плати ниту екс-градоначалникот Петре Шилегов.  Ваквиот начин на работа на овие политичари, и нивните политички опции не само што го загрозува работењето на градот, како во случајов, туку 33 години ја става државата во должничко ропство“, велат од Град Скопје.

Појаснуваат дека во последната година успеа да го врати својот кредитен рејтинг на највисоко ниво во последниве 15 години, за што предуслов е токму намалувањето на акумулираните долгови, систематското материјално-финансиско работење и консолидацијата на финансиите.