Случај Рашковски: Се извини до небо, а небото со радар од ‘88


Фото: Б. Грданоски

Рашковски се извини за изјавите за Италија и за Ромите, но нема да даде оставка, а македонското небо е безбедно за летање со тоа што е сменет еден од тројцата директори од управниот одбор на контролата на летање. Истиот кому и ВМРО-ДПМНЕ, како казна за многу прашување и неподободност, го испрати две години да работи во контролата на летање во Охрид, и за тоа време ги изгуби сите стручни одобренија.

„Тоа е истиот тој. Не е некое стандардно име и презиме“, потврди генералниот секретар Драги Рашковски. Климент Чепуњоски беше одбран од СДСМ како нивни човек во новиот УО на М-НАВ по смената на власта.

„Чепуњоски е разрешен во март 2019 година поради безбедносни закани што со своето дејствување ги предизвикува кон авиосистемите во Македонија“, прецизираше Рашковски.

Многу работи останаа нејасни и по вчерашната прес конференција на генералниот секретар на Владата, во врска со тендерот за нов систем за М-НАВ, кој требаше да гарантира непречено одвивање на воздушниот сообраќај. Откако минатата недела беше јавно објавена снимка од разговор во кабинетот на Рашковски за спорниот тендер, вчера тој кажа дека снимката е на вештачење и дека што било во врска со неа ќе каже по резултатите.

„Ова е верзија на разговорот. Кога ќе стигне официјална пресуда од страна на судските органи, во кривичната постапка, тогаш да седнеме и повторно да разговараме“, рече Рашковски одговарајќи на прашањето дали има намера да поднесе оставка по објавениот разговор.

Сепак, извинување за несоодветните изрази даде без да чека.

„Ја преземам вината, односно обврската да се извинам кон сите држави што се спомнати во негативен контекст во верзијата од разговорот. Кон сите националности, народи и така натаму. До небо им се извинувам на сите што се нашле повредени во оваа верзија од разговорите, се извинувам и до Италија, ромската заедница, каде што имам мал милион пријатели“, кажа Рашковски.

Од 2013 година, од кога е потпишан договор со ЕБОР за финансирање на проектот, по серија одложувања, сè уште во М-НАВ новиот АТМ-систем го нема. Нема ниту зграда за него. Рашковски, прашан дали новата влада направила ревизија на стариот тендер, рече дека го продолжиле во соработка со Банката.

„Постапката не се одвива по нашиот Закон за јавни набавки. ЕБРД ја следи набавката и вели дека е во ред, во секоја етапа, а имате и одобрение од францускиот консултант“, одговори Рашковски.

Пред носење на одлуката за тендерот, целиот проектен тим, еден по еден, се повлекуваат од него. Рашковски вели дека тоа било затоа што некој упорно сакал овој проект да не успее и македонските граѓани да немаат безбедно небо. И затоа ќе има одговорност за сите оние што намерно ги одолговлекувале роковите.

„Во казнениот законик, кога зборувате за мито и корупција, треба да постојат две страни, еден што дава и еден што прима мито. Со тоа што ме обвинувате за мито, вие велите компанијата ‘Леонардо’ дава на македонски политичари пари како мито. Компанијата ‘Леонардо’ е државна компанија. Значи, велите италијанската влада им дава на македонските политичари мито. Се надевам дека компанијата ќе се одважи и за нарушен интегритет ќе поведе соодветна постапка“, смета Рашковски. Досега, на италијанската компанија ѝ биле исплатени 10 проценти од вредноста на набавката.

Рашковски потврди исто така дека на затворена владина седница било расправано за паѓањето на радарската слика во 2018 година.

„Кога Влада дискутира на затворена владина седница, информациите се класифицирани. Станува збор за доказна постапка. По носење од одлука од Обвинителството, одлуките ќе бидат соопштени на јавноста. Такви се заклучоците на Влада, да се достават до обвинителство. Има безбедносни протоколи од Еуроконтрол кои пропишуваат кои документи одат во јавност, а кои на затворена седница. Кога ќе се види дека постојат елементи за можно кривично дело, тогаш оди на затворена седница“, вели тој.

„Независен весник“ на 20 септември лани пишуваше за случајот. Добивме изјави од директорот на М-НАВ, Николче Тасески и од Агенцијата за цивилно воздухопловство.

„Во средата, во периодот од 23:44:57 до следниот ден во 00:15 часот, имало непланиран прекин во радарската слика поради интервенција. Притоа е постапено согласно пропишаните процедури и безбедно е одработен актуелниот сообраќај. Веднаш е информиран Центарот за проток на сообраќај во Брисел, со цел воведување регулација на сообраќајот кој треба да доаѓа наредните часови. По соодветна интервенција на службите во М-НАВ, проблемот е идентификуван и надминат, по што се продолжило со безбедно давање на услугите во воздухопловната навигација. Веднаш се известени Агенцијата за воздухопловство и Комитетот за сериозни инциденти и несреќи и по прелиминарните извештаи за причините за овој настан ќе излеземе со дополнителни информации“, ни изјави тогаш директорот на М-НАВ, Николче Тасески.

Рашковски вчера, прашан дали по многубројните проблематични случаи кои се врзуваат за актуелниот менаџмент на М-НАВ Владата расправала за квалитетот на работење на ова АД во државна сопственост, изјави дека јавноста може да биде мирна бидејќи сите пропусти на М-НАВ се надминати.

И додека трае вербалната еквилибристика поврзана со набавката на нова опрема за македонската контрола на летање, М-НАВ работи со радар од 1988 година (оној на кулата во Скопје) и со тој на Бањски Рид, кој по еден месец неработење конечно е поправен. А за контролата на летање во Охрид е купен нов радарски систем, но не може да се „залепи“ за постоечкиот стар систем и ја чека новата опрема.

Анита Салтировска

Фото: Б. Грданоски